Километарски колони возила се забележани на граничните премини на влезот во Србија од Унгарија и Хрватска, а причина за тоа се новите мерки, односно задолжителен негативен ПЦР-тест за влез во Србија што стапува на сила од 20 декември.

Граѓаните кои сакаат да влезат во Србија од странство, на различни фејсбук-групи пријавуваат дека колоните се километарски и дека треба да чекаат три часа.

Камерите на официјалната веб-страница на Авто-мото сојузот на Србија покажуваат големи колони на влезот во Србија од Унгарија, но состојбата не е подобра ниту на граничниот премин со Хрватска.

Новите мерки стапуваат на сила на 20 декември и ќе траат до 10 јануари, а тие значат дека на странците кои сакаат да влезат во Србија ќе им треба негативен ПЦР-тест, не постар од 48 часа, додека српските граѓани доколку го немаат тој тест мора да одат во изолација десет дена.