По вчерашните нереди во Белград, попладнево почна втор протест на коj собраните граѓани го искажуваат незадоволството oд владеењето на претседателот Александар Вучиќ.

Како што пренесуваат регионалните медиуми, илјадници демостранти пред зградата на Собранието бараат оставка од Вучиќ, при што свиркаат и скандират слогани како „Вучиќ крадецу“.
Припадници на полицијата ја имаат опколено зградата на Собранието, а поставена е и заштитна ограда.

Протестот почна на платото пред Филозофскиот факултет.

Таму меѓу собраните граѓани беа забележени и лидерите на опозицијата Драган Ѓилас, Вук Јеремиќ, Бошко Обрадовиќ, Зоран Лутовац и Јанко Веселиновиќ.

– Измамниците ги фалсификуваа податоците за бројот на болни и мртви. Кога луѓето се побунија, тие применија мерки на странски параполиции. Луѓето веќе нема да толерираат лаги – порачаа тие.
Бараат итно назначување на нов кризен штаб, но и казна за полициските службеници кои вчера брутално претепаа луѓе.

Неколку стотици граѓани се собраа и во Нови Сад на плоштадот пред Градското собрание.

На самиот почеток на протестот се случил вербален судир помеѓу десничарското движење предводено од Урош Вељовиќ и еден млад човек, кој, како што дозна „Нова.рс“, бил од движењето „1 од 5 милиони“.
Вчерашниот протест со Белград започна како незадоволство од најавата за воведување вонредна состојба и нов полициски час, поради големиот број новозаразени од коронавирус, откако претходно мерките беа укинати и во земјата се одржаа избори.

Претседателот Вучиќ во денешното обраќање до јавноста синоќешните протести ги оцени како акт на политичко насилство, додавајќи дека некои насилството се обиделе да го оправдаат со коронавирусот.

Тој во обраќањето до јавноста зборуваше и за вклученоста на странски фактори во настаните пред зградата на парламентот.