Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сѐ поизразениот проблем со иселувањето на младите и образовани семејства ги принудува владите на земјите од Западен Балкан да преземаат одредни мерки за зголемување на наталитетот. Властите се обидуваат преку зголемување на финансиската помош за секое новороденче да ги поттикнат младите да формираат семејни заедници, но и со други поволности на локално ниво

Mерки за поТтикнуваЊЕ на наталитетот на Балканот

Демографите од земјите од Западен Балкан предупредуваат на алармантните статистички податоци за одливот на населението, кое во последната деценија го доживува својот максимум. Негативни трендови во природниот прираст првпат годинава забележи и Црна Гора. Хрватска, која неколку години е членка во Европската Унија, го забележува најголемиот егзодус во својата историја, а масовното иселување се одвиваше во неколку брана од 50-тите години од минатиот век. Процените се дека во последните десет години од Хрватска заминале во еден правец околу 400 илјади лица. Хрватското семејство е сѐ постаро и има не повеќе од две деца. Со помал годишен прираст на населението и помал број родени деца се соочуваат и во Србија, Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина.
Сѐ поизразениот проблем со иселувањето на младите и образовани семејства ги принудува владите на земјите од Западен Балкан да преземаат одредни мерки за зголемување на наталитетот. Властите се обидуваат преку зголемување на финансиската помош за секое новороденче да ги поттикнат младите да формираат семејни заедници. Покрај ова, и локалните самоуправи преку свои популациски програми се обидуваат да ги привлечат луѓето да се населуваат во напуштените подрачја и места, кои со текот на годините се побројни.
Општините во Хрватска презедоа низа мерки за да го спречат иселувањето од нивните средини, но и да ги привлечат новите жители или да се вратат тие што веќе заминале. Меѓу поволностите се дарување земјиште, зголемување на надоместокот за новороденче, изградба на нови населби, вработување… За децата се даваат разни стипендии за образование, кофинансирање на престојот во детските градинки, бесплатни учебници, детски додатоци и покривање дел од трошоците за стекнување други вештини, компјутери, интернет и сл.

Општината Пашман во задарската жупанија исплаќа најголеми износи за раѓање на првото и второто дете. За првороденото дете во семејството се исплаќаат 1.591 евро, за второто 3.182, за третото 4.773, за четвртото 7.955 евра, а за петтото дете 13.258 евра. Покрај ова, од општинската каса се покриваат трошоците за чување инвалидни и хендикепирани деца, кофинансирање на услугите во градинка, учебници, стипендии за запишување на децата во дефицитарните занимања. Градот Врбовско на младите семејства им доделува 100 илјади куни (околу 13.258 евра) за купување недвижности, со што се поттикнува и доселувањето на младите семејства. На земјоделците им се доделуваат семенски материјал и овошки, а им се доделува и државно земјиште на користење. Општината Андријашевци планира да изгради цела населба од монтажни семејни куќи, со целосно изградена инфраструктура, пишува „Ал џезира“.
Демографот Дражен Живиќ вели дека секоја мерка е добредојдена за да се спречи „белата чума“, но потребна е трајна и целосно осмислена помош од државата, која недостига во овој момент во Хрватска.
– Проблемот со иселувањето од земјата трае со децении и тешко е да се спречи. Ниедна од овие мерки не може да даде резултати за неколку месеци. Потребно е да се стави во функција сѐ што е во државна сопственост и да им се овозможи на луѓето да формираат дом во нивните места – вели Живиќ за „Ал џезира“.
Според статистиката, во последните десет години во Србија има сѐ помал број на родени. Од 65.598 во 2011-та, бројката на новороденчињата падна на 61.692 за минатата година. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави доделување по 5.000 евра, што, според него, ќе биде најголем износ за потикнување на наталитетот од сите земји во Европа. Со ова ќе следуваат и низа прописи за олеснување на положбата на жената за време на породилниот период.

Доцентот на Катедрата за демографија на Факултетот за географија, Петар Васиќ, предупредува на фактот што во Србија се случува одложување на првото раѓање на дете, што влијае на фертилитетот, односно на просечниот број на децата што ќе ги роди една жена.
– Додека се чекаат поволните финансиски услови, на жените им останува малку време да ги родат посакуваните деца. Тој број во Србија е околу 2,5 деца, што е повеќе од очекувањата на жените во Европа, но проблем е што не може да се оствари. Со одложувањето на раѓањето, Србија им се приближува на другите земји од Јужна Европа, Шпанија, Италија, Грција… Овие земји имаат најниска стапка на раѓање и најголема просечна старост на раѓањето на првото дете. Направените евалуации во другите земји за мерките од популациските политики покажале дека високите финансиски додатоци имаат значаен ефект на темпото на фертилитетот, односно моментот кога ќе се оствари првото раѓање дете – вели Васиќ за „Данас“.
Според важечките прописи во Србија, родителски додаток им се доделува за првите четири деца во семејството. За првото се исплаќаат 100 илјади динари (околу илјада евра), за второто две илјади евра, третото добива 10.000 евра, а четвртото 15.000 евра, кои се исплаќаат во еднакви месечни рати во наредните десет години.

За првпат по 25 години, во 2019 година Македонија влегла во негативен природен прираст. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат постојан пад на природниот прираст, односно намалување на бројот на живородени деца. Намалувањето на стапката на наталитет, според податоците на ДЗС објавени во „25 години независна Македонија“, меѓу другото, се должи и на таканаречениот темпо-ефект или одложување на раѓањето и склучувањето брак на повозрасни години, објави Радио Слободна Европа.
Во изминатите години македонската влада преземаше повеќе мерки за потикнување на наталитетот, преку одобрување поволни кредити за купување станови за млади брачни двојки. Дел од демографската политика е и доделувањето државно земјиште за едно евро во општината Илинден, во која и по неколку години сѐ уште не е изградена целосната пристапна инфраструктура, а жителите од оваа млада скопска општина секоја недела протестираат незадоволни од условите во кои живеат.