Жељко Комшиќ, Колинда Грабар-Китаровиќ и Шефик Џаферовиќ

Босна и Херцеговина

По демантот на претседателката на Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ за изјавата, која ја даде при посетата на Израел, дека „Босна и Херцеговина е под контрола на милитантниот ислам“ се огласи и новинарката на текстот објавен во весникот „Ерусалим пост“.

– Во моите белешки е наведено тоа што е објавено во текстот. Таа го споменува и Иран, кој го поврзува со мигрантите. Изјави дека Иранците се кријат меѓу мигрантите, кои се пред сѐ од Сирија или од Авганистан и делови од Африка и од Азија. Претседателката наведе дека меѓу нив има и милитанти, кои претставуваат проблем. Таа не ги поврза властите на БиХ со милитантите и со Иран, туку со мигрантите – изјави новинарката Грир Феј Касхман, во кратката изјава за „Дневни аваз“.

Грабар Китаровиќ, која е во посета на Израел, рече дека БиХ е „многу нестабилна и дека во одреден поглед ја презеле луѓе поврзани со Иран и терористички организации“, објави „Ерусалим пост“, пренесувајќи детали од затворениот состанок на хрватската претседателка и израелскиот колега, Реувен Ривлин.

„Земјата е под контрола на милитантен ислам, кој е доминантен во одредување на ставовите“, додава Грабар Китаровиќ, пренесува весникот не наведувајќи извори.
Претседателката на Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ ги отфрли изјавите наведени во новинарскиот текст и додаде дека не давала изјави или интервјуа надвор од прес-конференциите со високите претставници на Израел.

Хрватскиот и босанскиот член на колективното Претседателство на БиХ, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ, остро ја нападнаа хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ поради нејзината изјава пред израелските новинари дека БиХ е „под контрола на милитантен ислам“, пишуваат вчера медиумите во Хрватска и БиХ.
Комшиќ на хрватската претседателка ѝ порача дека „таа е нестабилна, а не БиХ“, додека Џаферовиќ ја обвини дека „повторува лаги со кои се шири ксенофобија“.
Министерот за безбедност во БиХ, Драган Мектиќ, оцени дека изјавата на хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ дека БиХ е нестабилна држава, е само една во низата „несериозни, неодговорни и небулозни“ изјави.

– Зависно од тоа каде оди, таа дава додворувачки изјави без какви било аргументи и образложенија. Се однесува како главен разузнавач во регионот и зборува за нешто што воопшто не е нејзина работа… Наместо да се држи на високо државничко ниво, таа зборува глупости – изјави Мектиќ за босански медиуми.