Градот Измир им се придружи на турските градови кои ја забранија употребата на коњски кочии во туристички цели. Со најновата одлука на општината во градот на Егејското Море се забрани сообраќајот на пајтони и другите запрежни возила на булеварите и улиците од централното градско подрачје. Со ова во три општини на градот настапи забрана за активноста на 32 туристички кочии.

Претседателот на општината Измир, Тунч Сојер, изјави дека целта е неговиот град да биде пример во однос на заштитата на правата на животните во целата земја. Слична одлука под притисок на Здруженијата за заштита на правата на животните порано беше усвоена и во туристичките места Анталија, Аланја и Кушадаси додека во турската метропола Истанбул веќе неколку години се чека донесување на забрана на сообраќање на пајтоните на истанбулските острови.

Во четирите најголеми острови на Мраморното Море оддалечени само неколку километри од Истанбул – К’налиада, Бујукада, Хејбелиада и Бургазада функционираат вкупно 277 пајтони. Овие кочии се и единственото превозно средство на островите и привлекуваат голем број туристи.

Центарот за координација на сообраќајот на Истанбул во изминатите години подготви извештај во врска со транспортот со пајтони на островите. Во извештајот се истакнува дека тие се употребуваат не само како туристички возила, туку и како возила за јавен транспорт и се подвлекува дека запрежните коњи се хранат недоволно и не се чуваат во соодветни услови.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоан уште во 2018 година изјави дека со измените на Законот за заштита на правата на животните „коњите ќе бидат ослободени“, по што градот Истанбул донесе одлука јавниот транспорт на островите да се одвива со електрични возила. Во соопштението издадено веднаш потоа, од Општината се изнесува дека одлуката ќе биде применета прво на еден од островите (К’налиада) со што пајтоните ќе почнат да се заменуваат со електрични возила, кои ќе можат да пренесуваат до 12 патници.

Одлуката наиде на остри реакции од пајтонџиите. Претседателот на Комората на пајтонџии, Хидир Унал, истакна дека не верува дека претседателот одеднаш ќе укине нешто што претставува приход за живот на 3.000 лица и што е останато како наследство од предците, подвлекувајќи дека пајтоните веќе 150 години сообраќаат на островите.

– Секојдневно островите ги посетуваат 5.000 туристи. Укинување на пајтоните би значело и крај на островите – смета тој.

Според Здруженијата за заштита на животните, коњите кои се употребуваат на истанбулските острови се чуваат во несоодветни услови, поради што животниот век им се скратува на две години. Тие воедно гинат во несреќи или умираат од премор.

Како резултат на протестите и кампањите за спасување на коњите од островите, Истанбул минатата година започна проект за замена на пајтоните со електрични возила и минатата година електричните пајтони ѝ беа претставени на јавноста, но старите пајтони и понатаму продолжуваат да функционираат на островите.