Неколку дена пред предвремените парламентарни избори во Грција, сите анкети и истражувања покажуваат дека лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис ќе биде новиот премиер на јужниот сосед, пренесува „Политико“.

Според анализата на престижниот политички магазин, опозициската Нова демократија ита кон победата на изборите на грбот на потпишувањето на Преспанскиот договор на сегашниот премиер Алексис Ципрас, поради кој владејачката СИРИЗА ја загуби пошироката поддршка во земјата.

– Договорот беше поддржан од сите во Европската Унија, НАТО и САД. Најгласни противници беа Кремљ и Нова демократија – анализира „Политико“.

Предвидувањата за победата на десничарската партија на Мицотакис на изборите, во јавностаа се гледаат како враќање во нормала на грчката политика, по повеќе од една декада на политички и економски превирања, по големата финансиска криза во 2008 година.

Како главен фокус на изборите и стратешка цел на конзервативната опозиција стана широкото мнозинство, по големата победа на европските и локалните избори, кои јасно покажаа дека Ципрас ја загуби поддршката од гласачите. Можноста за широко мнозинство е веројатна, но не е сигурна. Во исто време, конзервативците во Нова демократија очекуваат победа со голема разлика, што создава проблеми при создавање на внатрепартиска стратегија, пишува „Катимерини“.

– Мицотакис стана лицето на партијата со силни десничарски елементи, кои беа охрабрени преку глобалниот успех на оваа политичка ориентација, од Унгарија се до САД – пишуваат од „Политико“.

Членовите на Нова демократија ги издвојуваа битките за прашањата за давање на државјанство на деца-мигранти родени во Грција, правата на хомосексуалците и договорот со Македонија, каде што главно ги добиваа политичките поени, со што ја стекнаа предноста пред СИРИЗА на Ципрас, која според познавачите на состојбите во грчката политика е доволна за сигурна победа на Мицотакис на неделните избори. П.С.