Во извештајот на американскиот директор на Националните разузнавачки служби Даниел Коатс, во кој се прикажани безбедносните проценки за закани во светот во 2019 година, за Балканот се наведува дека постои ниско ниво на ризик од насилство.

– На Западен Балкан речиси сигурно и понатаму ќе остане некој ризик од ниско ниво од избувнување на насилство и можност од отворен воен судир во текот на 2019 година – се наведува во извештајот.

Во документот се посочува дека Русија и понатаму ќе инсистира да ги искористи етничките тензии и високиот степен на корупција со цел да ја попречи способноста на земјите од Западен Балкан „да се движат напред кон ЕУ и НАТО“.

Во делот што се однесува на безбедносната ситуација во Европа се издвојуваат три проблематични прашања – Западен Балкан, Турција и излегувањето на Велика Британија од Европска унија.

– Регионалните амбиции на Турција, недовербата кон САД и растечкиот авторитаризам на турските лидери ги комплицираат билатералните односи и придонесуваат Анкара да се чувствува поподготвена да ги оспорува американските регионални цели – се истакнува во извештајот.

Во документот најголем дел е посветен на светските жаришта, како што се Сирија, Ирак, Нигерија и заканата од Исламска држава, но и нуклеарната програма на Северна Кореја, вселенското вооружување, оружјето за масовно уништување и друго.

Извештајот за безбедносните закани претставен е на 29 јануари пред Одборот на Сенатот за разузнавачки прашања.