Со предложените измени на законите за подобрувањето на изборниот процес во Србија се постигнува одреден напредок, но повеќе од 60 отсто од преземените обврски што произлегоа од дијалогот меѓу власта и опозицијата не се остварени или тоа е направено делумно. Ова е ставот на Тања Фајон, шефицата на делегацијата на парламентарниот одбор за стабилизација и придружување на Србија кон Европската Унија, и на Владимир Билчик, известувачот на Европскиот парламент за Србија.
– Јасно е дека мора да се преземат значајни чекори, особено на подрачјето на слободата на медиумите и улогата на јавниот сервис – пишуваат тие во авторскиот текст што е објавен во српскиот весник „Блиц“.

Европските функционери посочуваат на фактот дека нема доволно време пред почетокот на изборната кампања за да се подобрат изборните услови. Тие апелираат на исполнување на сите обврски за да можат сите учесници да имаат доверба во изборниот процес, кој ќе треба да се одвива напролет следната година.
Вклучувањето во политичкиот и изборниот процес е единствен начин за делот од опозицијата, која заговара бојкот на изборите, за да може да се претстават пред гласачите. Досега актуелната власт и опозицијата постигнаа консензус во некои подрачја што се сметаат како најважни.

Минатата недела во Собранието на Република Србија почна постапката за измена на пакет изборни закони со кои појасно се уредуваат финансирањето на политичките партии, употребата на јавните ресурси, забраната и ограничувањето на државните, општинските функционери и директори на јавни претпријатија во изборната кампања.