Шефицата на Изборната набљудувачка мисија на Европската Унија, Виола фон Крамон-Таубадел, оцени дека одржаните парламентарни избори на Косово „биле добро водени и транспарентни“, но биле оптоварени со нееднакви услови за натпреварување, како и со застрашување и отсуство на конкуренција во областите во кои живеат косовските Срби.

– Опкружувањето за кампањата во областите во кои живеат косовските Срби беше под сенката на застрашување, каде што целна група беа кандидатите и приврзаниците што не се на Српската листа. Несоодветното користење на јавните ресурси и отсуството на транспарентност во врска со финансирањето на кампањата резултираа со нееднакви услови за натпревар на Косово – наведе Фон Крамон-Таубадел
Шефот на делегацијата од Европскиот парламент, Андреј Ковачев, рече дека прашањето за финансирање на кампањата предизвикува загриженост, како и на претходните избори.

– Регулаторната рамка не обезбедува транспарентност и интегритет и мора да се засили за да се интензивира борбата против корупцијата и за гарантирање на здравата демократија – наведе Ковачев.