Во последните текстови објавени во медиумите, за постигнат договор за разграничување меѓу Србија и Косово, имаше и информации дека за најновиот преговарачки план постои согласност и од Москва! Со вовлекување на Русија, со нивна наводна поддршка за размена на териториите, Приштина се обидува да постигне две цели. Прво да го омекне ставот на САД преку поттикнување на стравот за ширење на руското влијание, а втората цел е да се внесе забуна во меѓународната јавност.

Зошто Косово се служи со лажни вести за тоа дека Москва ги поддржува нивните планови за разграничување? Поранешниот амбасадор на ОН Владислав Јовановиќ, за „Србија данас“ изјави дека на Албанците им е јасно дека што и да се договори, тоа нема да помине во Советот за безбедност во ОН без согласност на Русија.

– Дури и да се согласиме од наша страна, наспроти Уставот на Србија и Резолуција 1244, Русија нема да биде должна да гласа позитивно. Албанците се свесни за ова и затоа пласираат разни измислици, притоа сметаат дека тоа ќе ги збуни Русите и тие ќе преземат погрешен чекор. Од друга страна, со тоа се врши притисок во српската јавност без да се знае конечната содржина на евентуалниот компромис. Ова е тактичка игра, за да се создаде што поголема неизвесност, како во Србија така и во Русија. За ова Приштина има согласност и од Западот – вели Јовановиќ.

Аналитичарот Драгомир Анѓелковиќ смета дека играта на Приштина е да се создаде претстава дека во целата приказна е вклучена и Русија.

– Ова треба да исплаши некои кругови на Западот со нагласена русофобија и да се испрати пораката дека Русија тргнала во офанзива. На Приштина ѝ е потребно да се омекне ставот на американската администрација блиска до Доналд Трамп и до некои европски центри на моќ, кои полека креваат раце од проблемот со Косово. Станува збор за вовлекување на Русија во „војната“ меѓу суверенистите и неолибералните структури на Западот – вели Анѓелковиќ.

Германскиот весник „Франкфуртер рундшау“ пред два дена објави детален план за разграничувањето меѓу Србија и Косово, со информација дека во албанскиот град Валона ќе се изгради и морнаричка база за НАТО, а во Кучова воздушна база.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во неделата изјави дека не постои никаков договор во 17 точки за промена на границата со Косово.

– Што да ви кажам за тоа, некој си ги сонува нештата што сака да се остварат. Нема ништо. Нема договор, нема никаква мапа – изјави Вучиќ