Нови тензии во северното соседство

По вчерашните тензии во северниот дел на Косово, меѓу српските граѓани и претставниците на косовската полиција, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го повика НАТО да ја смири состојбата во рок од 24 часа или во спротивно, како што рече тој, „Србија ќе реагира“.
Тензиите во северниот дел на Косово започнаа откако вчераутро косовската полиција спроведе акција во неколку продавници, со намера да „спречи шверц на производи“. Припадниците на полицијата, според информациите, упаднале во една од градските аптеки во Косовска Митровица, каде што ги проверувале царинските документи.

Потоа граѓаните се собрале на протест, изразувајќи незадоволство од акцијата, а ситуацијата ескалирала кога косовската полиција почнала да фрла шок-бомби и солзавец. Едно машко лице е тешко рането во Звечан на северот на Косово и било пренесено во болницата во Косовска Митровица, потврдил за Н1 ТВ директорот на болницата, д-р Златан Елек.
Директорот на српската канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, изјавил дека ранетиот е 36-годишен маж, а се повредени и десетици Срби во немирите во Косово.
Во соопштението што го издаде полицијата на Косово се наведува дека спроведувала акција во регионот на Приштина, Пеќ, јужна и северна Митровица. Премиерот на Косово, Албин Курти, рече дека акцијата на косовската полиција била насочена против шверцот на стоки во Приштина, Пеќ, северна и јужна Митровица.
Шест полицајци се повредени, а тројца се уапсени на крајот од вчерашната акција на косовската полиција против шверц во северно Косово, соопшти полицијата.
Од српска страна, пак, премиерката Ана Брнабиќ побара да реагира меѓународната заедница, а претседателот Александар Вучиќ итно замина во Рашка на состанок со Србите од Косово.
Српските медиуми ја пренесоа изјавата на Вучиќ, кој рекол дека Србија нема да влегува со своите трупи во Косово и Метохија и дека ќе чека НАТО да реагира во следните 24 часа во случај на погром.
– Ако НАТО не реагира, Србија ќе реагира – изјавил Вучиќ, кој вчера го посети гарнизонот на српската војска во Рашка, а одржал средба и со претставниците на косовските Срби.
Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел повика на итен прекин на насилствата и на едностраните потези на северот од Косово, јавија српските медиуми.