На поранешниот хрватски премиер Иво Санадер денеска му беа изречени две неправосилни пресуди според кои за земање провизија во предметот Хипо, односно за воено профитерство, е осуден на 2,5 години затвор. Тој е ослободен во предметот за незаконски овозможување купување електрична енергија за фирмата ХЕП Диоки.

Од апсењето на Санадер поминаа осум години, и против него сега се водат шест кривични постапки.

Врз основа на пресудата Санадер е должен во државниот буџет да врати имотна корист стекната протизаконски од околу 3,6 милиони куни. Таа сума мора да ја плати во буџетот во рок од 15 денови откако пресудата ќе стане правосилна.

Образлагајќи ја пресудата судијката Јасна Галешиќ рече дека поранешниот премиер „ја искористил својата функција и овластувања и извршил дела против службената должност и воено профитерство“.