Со говор на омраза многу полесно може да се профитира во политичка и економска смисла, беше еден од заклучоците на трибината што се одржа во Загреб

Омразата меѓу припадниците на српскиот и хрватскиот народ е политички, идеолошки и популистички посредувана и претставува парадигма за анализа на севкупните меѓунационални нетрпеливости на овие простори, беше речено на јавната трибина „Анатомија на хрватско-српската омраза“, која се одржа во Загреб.

Иван Чоловиќ, антрополог и етнолог од Белград, говореше за начинот на кој „нарцизмот на малите разлики“ се манифестира во хрватско-српските односи и ја нагласи важноста за создавање митови за националниот идентитет и создавање говор на омраза во меѓунационалните односи, објави „Нови лист“.

– За жал, хрватско-српската омраза е доста жива и сите што ја сецираат или од неа се дистанцираат ризикуваат таа омраза да се сврти против нив. Се согласувам со оние што предупредуваат дека војните во поранешна Југославија сѐ уште не завршиле и во ментална смисла сѐ уште се наоѓаме во тие војни. Или, поточно, нашите политичари нѐ држат во таа ментална воена состојба. Таа омраза сѐ уште е важен политички ресурс – нагласи Чоловиќ.

Публицистот Жељко Крушељ рече дека чувството на омраза кон некого не е вродено ни зададено, а во хрватско-српскиот случај основниот проблем произлегува од историското наследство и специфичните интереси на двата народа.

– Поради тоа овој проблем не е брзо и едноставно решлив. Пореално е прашањето дали може тој некогаш да биде отстранет од политичката сцена. Стравувам дека новите генерации нема да можат да дочекаат битна промена на таквата негативна клима во хрватско-српските односи. Ние ниту можеме ниту треба да се сакаме. Тоа би било цинично. Но мораме да сфатиме дека повеќе нема да живееме заедно, туку дека живееме едни покрај други и едноставно мораме нормално да функционираме – вели Крушељ.

Социологот Ренато Мариќ ја нагласи тезата дека со односите меѓу двете држави, дури и во воени околности, не управуваат љубовта и омразата, туку исклучиво интересите на оние општествени актери што во рацете ги држат лостовите на моќта.

– Впечатокот за омразата упорно се сака да се претстави како несоборлив општествен факт. Но можеме да се прашаме кој би можел да ја заговара и промовира омразата таму каде што ја нема. Секако, одговорот е во тоа што со говорот на омраза многу полесно може да се профитира во политичка и економска смисла – рече Мариќ.

Историчарот и професор во пензија од Филозофскиот факултет во Загреб, Драго Роксандиќ, во своето излагање говореше за тоа како досегашната хрватско-српска исклучивост и неразбирање се рефлектираат низ монументални размери на исклучивост и неразбирање во минатото.

На трибината беа искажани и резултатите од истражувањето според кое петтина од Хрватите би ги истерале Србите од Хрватска, но беше нагласено дека 80 отсто од нив немаат никакви проблеми со Србите.