Хрватска

Пукнатина во должина од 150 метри се појави на земјиштето меѓу местата Будашево и Тополовац, во близината на Сисак, како последица на земјотресот што го зафати овој регион во Хрватска. На полето на кое се појави големиот расед има уште 20 помали пукнатини. Тие засега не се опасност за луѓето, но надлежните органи во Хрватска треба да го испитаат теренот, за да се утврди дали земјиштето може да се обработува со механизација, пренесе РТЛ.
Од Министерството за земјоделство на Хрватска е ангажирана група геолози што вршат испитувања за „носивоста“ на теренот, како и за тоа дали станува збор за истата појава како во местото Меченчани, каде што се појавија повеќе поголеми отвори на земјиштето со што се открија и подземните води.
– Мораме да утврдиме дали има избивање на токсични честички на површината на земјата, односно дали има појава на тешки метали – вели Тугомир Мајдак, државниот секретар од Министерството за земјоделство, за новиот расед кај Сисак.