За разлика од иницијативите на српските и хрватските државни органи, кои се однесуваат на подобра заштита на личните податоци и проширување на примената на овој документ за лична идентификација, во Македонија предлозите за промени на личната карта беа мотивирани првенствено од етнички интереси

Хрватска и Србија поведоа измени на законските прописи, со кои ќе се подобри „функционалноста“ на личните карти на граѓаните. За разлика од иницијативите на српските и хрватските државни органи, кои се однесуваат на подобра заштита на личните податоци и проширување на примената на овој документ за лична идентификација, во Македонија предлозите за промени на личната карта беа мотивирани првенствено од етнички интереси, а нивното евентуално прифаќање ќе доведеше и до нова нерамноправност на граѓаните, по етничка основа. Како што е познато, годинава, од владејачката коалиција во Македонија беше предложено да се воведе и етничката припадност на носителите на лична карта. По бурните реакции на експертската јавност, овој предлог беше одложен за „подобри времиња“!
За тоа во кој правец треба да се однесуваат евентуалните нови предлози за измена на личната карта покажува примерот со Хрватска, која е дел од Европската Унија. Од август годинава во оваа земја почнува да се применува новата лична карта за дигитална идентификација, а таа ќе може да се има и на мобилниот телефон, па преку него ќе може да се потпишува и барање за кредит, договор за купување или продавање недвижност. Новата дигитализирана лична карта хрватските граѓани ќе можат да ја користат за идентификација и кај лекар.

Законот за новата лична карта во хрватското собрание е донесен минатата година. На новата лична карта ќе биде вграден бесконтактен чип, каков што има и на пасошите, кој ќе содржи биометриски идентификатори на носителот на личната карта, односно приказ на лицето што е носител на документот и два отпечатока од прсти во интероперабилна дигитална форма. Ова на граѓаните ќе им овозможи брз и едноставен премин на граничните процедури на системите е-геит, како и потпишување разни документи со отпечаток од прст. Овие биометриски податоци се заштитени од неовластен пристап со современи криптографски механизми во согласност со важечките стандарди ИКАО, пишува „Јутарњи лист“.
На заднината на хрватската лична карта ќе има простор за впишување на матичниот број на задолжителното здравствено осигурување, што значи дека новата лична карта ќе ја замени и здравствената книшка. Во бесконтактниот чип ќе биде внесен и идентификацискиот сертификат, кој служи за електронска потврда на идентитетот на лицето на кое му е издаден овој документ за користење и други електронски услуги. Со неа ќе можат преку интернет бесплатно да ги преземат мобилните апликации. Сите лица што ќе се регистрираат за користење сертификат за електронски потпис ќе може да го користат и преку мобилните телефони. На овој начин граѓаните ќе можат да поднесуваат различни барања до органите на државна управа и да склучуваат договори преку мобилни и таблети, без да користат компјутер и читач на картички.
Новата лична карта ќе добие и нов изглед. На предната страна ќе има ознаки на Република Хрватска, во негативот ќе има отпечатено 12 жолти ѕвездички што ја симболизираат ЕУ. Старосната граница за издавање на личните карти се зголемува од 65 на 70 години. За постари од 70 години, лични карти ќе се издаваат со период на важност од пет години, како и досега. Замената на личните карти ќе се прави по истекувањето на важноста на досегашните лични карти.

Во претходниот период се говореше и за опција за спојување на возачката дозвола и личната карта во еден документ. Но засега тоа е неможно поради правната процедура, а најголем проблем е што при одземање на возачката дозвола од полицијата лицето ќе остане и без лична карта, која е главен документ за лична идентификација. „Спојувањето“ на двата документа ќе биде овозможено кога на документот ќе се вгради и чип со кој полицијата ќе може да ја блокира возачката дозвола во случај на сторен сообраќаен прекршок.
Собранието на Србија на вчерашната седница го разгледуваше предлог-законот за измена и дополнување на Законот за лични карти, во кои се предлагаат измени што произлегуваат од проектот на Владата „Стоп за бирократијата“. Се предлага во личната карта да се додаде податок за адресата за пријавено престојувалиште, а другите промени се за да се усогласат со прописите за електронски документи. Новина е тоа што лична карта на лица постари од 16 години може да им се издаде со согласност само на еден родител.
Коалицискиот предизборен партиски договор меѓу СДСМ и БЕСА за внесување на националната припадност во личните карти беше прифатена од ВМРО-ДПМНЕ и премолчено одобрена од ДУИ и другите албански политички партии. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта е дел од пакетот закони чии текстови Владата ги утврди на 19 јануари годинава, меѓу кои и предлог-законот за изменување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија, како и предлог-законот за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, соопштија тогаш од владината прес-служба. Тоа е предложено за усогласување со законските решенија во Законот за употреба на јазиците.

Оваа иницијатива од владината коалиција беше изложена на остри критики од јавноста и од експертите, кои велат дека со ова Македонија сѐ повеќе се оддалечува од определбата за граѓанско, мултиетничко и мултикултурно општество со еднакви права на сите граѓани, без оглед на националната и верската припадност. Запишувањето на етничката припадност во личните карти е во спротивност со граѓанскиот концепт на државата и со приватноста на граѓаните, сметаат експертите.
Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, рече дека во предлогот на законот воопшто нема компаративни податоци за примена на такво решение, но напомена дека тоа нѐ води во можност за поделба по етничка основа, поларизација и различен третман.
Парламентарната партија Левица го блокира донесувањето на овој закон со поднесување 12.000 амандмани. Пратеникот Борислав Крмов изјави дека „СДСМ и ДПМНЕ работат за албанските партии, со донесување ваков закон, кој води кон сведување на Македонија на обична територија, составена од етникуми, а со тоа се разбива македонската нација“.