Фото: Маја Јаневска-Илиева

По постигнувањето согласност за Европскиот зелен план, пред земјите од Западен Балкан претстојат крупни обврски за намалување на штетната емисија на гасови

Преговарачките тимови на Советот на Европа и на Европскиот парламент постигнаа договор за Законот за климата, според кој, земјите од Унијата, до 2030 година, треба да ги намалат емисиите на штетни гасови за 55 отсто во споредба со 1990 година. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен искажа задоволство од говорот што беше постигнат во средата наутро, за, како што рече, „клучниот елемент на Европскиот зелен план“. Ова значи дека политичкото определување Европа да биде прв климатски неутрален континент до 2050 година станува законска обврска. Со договорот се потврдува предлогот на Комисијата за 55 отсто намалување на штетните гасови, додека почетната позиција на Европскиот парламент беше 60 отсто.
Со потпишувањето на Софиската декларација за Зелената агенда за Западен Балкан, минатата година, земјите од регионот се обврзаа на конкретна акција, вклучувајќи и воведување такси за емисијата на јаглерод диоксид и пазарен модел за потикнување за обновливи извори на енергија, како и постепеното укинување на субвенциите за јаглен. Договорните страни од Енергетската заедница, односно Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија, се обврзаа заедно со ЕУ за остварување на целта во 2050 година Европа да биде климатски неутрален континент.
Регионот сѐ уште е премногу зависен од јагленот во енергетското производство, 70 отсто од електричната енергија зависи од јагленот, оваа бројка достигнува 97 отсто во соседна Албанија, што се коси со климатските цели на ЕУ.

Обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност, енергетската сиромаштија, градежниот сектор, одржлива мобилност и транспортна инфраструктура се области на кои владите од регионот ќе треба да се фокусираат за да ја исполнат Зелената агенда. Србија и Босна и Херцеговина беа посочени од Енергетската заедница како најголеми загадувачи на околината, поради користењето на јагленот во производството на електрична енергија. Српската влада веќе го изработи Интегрираниот национален план за енергетика и клима, а со него ќе се дефинираат целите за зголемување на енергетската ефикасност, обновливи извори на енергија и намалување на емисијата на гасови со ефекти на стаклена градина за 2030 година, како и политиките и мерките за нивно исполнување во согласност со определувањето на Србија за зелена и чиста енергија. Во таа насока е претставен и проектот „За натамошен развој за енергетското планирање“, со вредност од 900 илјади евра, кој е финансиран од Европската Унија преку програмата ИПА 2017, за унапредување на регулаторната рамка за енергетска политика и усогласување на барањата на енергетската заедница и правните норми на ЕУ.
– Во Собранието на Србија ќе бидат усвоени четири закони од областа на рударството и енергетиката, кои претставуваат пресвртница во нашиот енергетски сектор. Почнуваме со изработка на стратегија за развој на енергетиката, а усвоен е и Закон за климатски промени – изјави Зорана Михајловиќ, министерка за енергетика во Владата на Србија.

Паралелно со големиот пакет за поддршка на регионот, Европската комисија лани ги претстави и насоките за спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан. Планот предвидува финансирање на десет главни инвестициски проекти за поддршка на главните патни и железнички врски во регионот, за користење обновлива енергија и преминување од јаглен, подобрување на енергетската ефикасност на јавни и приватни објекти и намалување на емисија на штетните гасови, за инфраструктура за управување со отпадот и отпадните води… Други поважни проекти се вложувањата во приватниот сектор за јакнење на конкурентноста и иновациите, особено на малите и на средните претпријатија. Поддршката преку Гарантниот фонд за Западен Балкан може да достигне до 20 милијарди евра во следната деценија, соопштија од Европската комисија.
Западен Балкан, според податоците на Еврокомисијата, е еден од најпогодените региони од климатските промени, се очекува до крајот на овој век температурите да се зголемат за повеќе од пет степени ако итно не се преземат мерки за намалување на емисиите на гасови што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина.