Бројот на мигранти што илегално влегуваат во Европската Унија преку Западен Балкан годинава се зголемил, соопшти европската агенција за гранична и крајбрежна стража Фронтекс. Мнозинството од мигрантите се од Сирија и од Авганистан. Од јануари до јули, Фронтекс регистрирал 22.600 мигранти, кои се движеле преку балканската траса до ЕУ, а тоа е зголемување од 90 отсто во однос на истиот период во 2020 година. Во јули зголемувањето на мигрантите е за 67 отсто во споредба со истиот месец лани, пренесе „Хина“.
Најчесто мигрантите преку трасата на Западен Балкан се движат од Грција, Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Унгарија и Хрватска.
Мигрантите во ЕУ влегуваат и преку Белорусија, Полска и балтичките држави. Во првата половина од годината преку Литванија илегално влегле 3.700 мигранти. Вкупниот број на мигранти што влегле во ЕУ изнесува над 82.000, што е за 59 отсто повеќе во истиот период лани.
Со ескалирањето на состојбата во Авганистан, со воената офанзива на сунитските екстремисти и талибанците, расте и опасноста од повторување на мигрантската криза од 2015/2016 кога низ Балканот поминаа 900 илјади мигранти.