Постојат многу фактори за порастот на бројот на вработени во сивата економија

Последиците од порастот на работниците на црниот пазар на трудот се чувствуваат за време на пандемијата, кога некои од заболените лица не можат да го остварат правото на здравствено осигурување

Вработувањето во неформалниот сектор се зголемило во пет од шест економии на Западен Балкан. Србија е единствената земја каде што има намалување на вработувањето на црно, додека Косово останува водечка земја во регионот според учеството на работниците на кои им било ускратено некакво право што произлегува од редовен работен однос и нивниот број изнесува до 80 отсто од вработените во земјата. Во земјите од регионот учеството на работниците без договор за работа се намалува, додека учеството на оние што не ги пријавуваат своите целосни реални плати и исплати за социјално осигурување се зголемува. Ова се резултатите од следењето на скриената економија во регионот преку мониторинг-системот СЕЛДИ, кои беа објавени неодамна на веб-семинарот „Скриена економија на Западен Балкан: Предизвици и лекции за економско закрепнување и конвергенција“, објави сајтот „Јуропиен Вестерн Балканс“.
Даниела Минева, виша аналитичарка од Центарот за проучување на демократијата, рече дека луѓето вработени во неформалната економија се многу ранливи на последиците од пандемијата на ковид-19.
– Непријавените работници не можат да имаат корист од владините мерки за итни случаи и закрепнување, ИПА-фондовите или 38 милиони евра непосредна поддршка од ЕУ за Западен Балкан – констатира Минева.

Податоците на СЕЛДИ покажуваат дека скриеното вработување е распространета појава во регионот. Од 2016 до 2019 година, индексот на вработеност во неформалната економија се зголемил во пет земји од Западен Балкан и тој се движел од 2,4 отсто во Црна Гора до 12,4 отсто во Македонија.
Најзагрижувачка е состојбата на Косово, каде што 25 отсто од работниците немаат пишан договор за работа, додека во Албанија 34 отсто од работниците добиваат повисоки плати од реално прикажаните износи. Што се однесува до социјалното осигурување, во Косово и во Црна Гора, 24 отсто односно 12 отсто од работниците немаат социјално осигурување, додека на 34 отсто од работниците во Албанија и на 28 отсто во Босна и Херцеговина им се исплаќа социјално осигурување пониско од реалната основица на платата.
Негативните ефекти од постоење на скриеното вработување во регионот е неможноста да им се покрие здравственото осигурување на работниците, во услови на пандемијата на коронавирусот. Ова прашање влијае директно на поединците, како и индиректно на целото општество преку понатамошно намалување на веќе оскудните јавни финансии за јавните здравствени услуги, се наведува во истражувањето. Ситуацијата е далеку најлоша во Косово, каде што 60 отсто од работниците се без здравствено осигурување, што е незначително подобрување во споредба со 2016 година.

Причини за високата вработеност на црниот пазар на трудот се нискиот даночен морал, високите нивоа на невработеност, слабото деловно опкружување и многу високите нивоа на сиромаштија, недостигот од доверба во државата и јавните институции, високата перцепција за корупција, но и високите даночни стапки во некои од земјите во регионот.
Сепак, професорот Колин Вилијамс, од Факултетот за менаџмент на универзитетот „Шефилд“, смета дека високите даночни стапки не значат и постоење висок неформален сектор за вработување, а најдобар пример за тоа се нордиските земји. Во овие земји постои доверба во владите и граѓаните веруваат дека добиваат добри јавни услуги за парите што ги плаќаат преку даноците.
Бидејќи деловното опкружување и намалувањето на сивата економија се дел од економските критериуми од Копенхаген за членство во ЕУ, од суштинско значење за Западен Балкан е да се справи со неформалниот сектор на стопанисување, се посочува во текстот на „Јуропиен Вестерн Балканс“.