Околу 18.000 млади Косовци аплицирале за прием во косовската полиција, на конкурсот кој е распишан за упис на само околу 300 лица на полициската академија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Пред неполни две недели е затворен конкурсот за прием на полициски службеници во полицијата на Косово, а бројката на оние кои се пријавиле е несразмерно повисока во однос на бројката на тие кои ќе бидат примени, а кои пред да облечат униформа треба да ја завршат полициската академија, пишува „Газета Експрес“.

Во полициите во сите косовски региони, од 16 април до 10 мај, колку што траеше конкурсот, се поднесени околу 18.000 пријави, а места има само за 250 до 300 лица, пишува приштинскиот портал.

Но, нема да можат да влезат на приемниот тест сите кои се пријавиле, туку само оние кои ги исполнуваат условите од конкурсот, а колкава ќе биде таа бројка ќе се знае откако ќе се разгледаат сите апликации од страна на полицијата.

Критериумите кои треба да ги исполнуваат кандидатите се: да бидат државјани на Република Косово, да се на возраст меѓу 18 и 30 години, со завршено средно образование, во добра физичка, ментална и емоционална состојба, да не се осудувани за кривично дело, да немаат теоважи на видно место (лице, врат, раце) и да имаат личен интегритет и високи морални вредности.

Тие што ќе се квалификуваат ќе подлегнат на писмен тест, тест за физички способности, интервју, психолошки тест, лекарски преглед и верификација на минатото.