Во Албанија во првиот квартал од годинава е забележан историски негативен рекорд на природниот прираст. Ова беше причина албанската влада да донесе нови мерки во рамките на стратегијата за зголемување на наталитетот. Така, Владата од 1 јануари 2019 година ќе доделува еднократен паричен надомест, во различен износ, за секое новороденче.

За секое првородено дете на семејството ќе му се исплатуваат по 400.000 леки (3.150 евра), за второ 800.000 (6.300 евра), додека за третородено 1,2 милион леки (9.450 евра). Доколку се родат близнаци или тројка, тогаш сумата се зголемува двојно, односно тројно.

Ова ќе важи за сите новороденчиња во Албанија и нивните мајки ќе ги добиваат парите додека сѐ уште се наоѓаат во гинеколошките одделенија, за, како што најави албанскиот премиер Еди Рама, да не се малтретираат со комплицираната процедура.
Според него, ова е само една мерка во правец на зголемување на наталитетот, која ќе важи за сите новороденчиња.

– Значи, тоа важи за сите семејства што ќе добијат принова, а живеат во Република Албанија – додаде Рама.

Државниот Институтот за статистика на Албанија (ИНСТАТ) потврди дека во првите три месеци од годинава биле регистрирани 5.669 новороденчиња, што претставува 18 отсто помалку во споредба со истиот период лани. Во истиот период бројот на починати изнесувал 5.954 лица.

Бројот на новородени во Албанија опаѓа од година на година, како последица на масовната миграција и определбата на младите за семејство со помалку деца.
Статистиката потврдува дека во 2017 година во земјата е забележан најмал број новородени деца од 1930 година, кога албанската држава почна да спроведува попис на населението.

Поради миграцијата и намалениот наталитет, бројот на учениците во основното образование во новата учебна година е помал за 46,7 отсто во споредба со учебната 1990/91 година.