Измените на Граѓанскиот законик во Србија ќе дозволат сурогат-мајчинство, со исплата на соодветен надомест за жената што ќе го носи и роди детето, за што се определува законски надомест во висина од осум до 15 илјади евра. Со новите законски измени жените од Србија не ќе мораат повеќе да одат во Украина, каде што за сурогат мајчинството се плаќаат повисоки суми, кои достигнуваат до 40.000 евра. За ваквата услуга во Америка се плаќа до 100 илјади евра, изјави Миодраг Орлиќ, в.д. претседателот на комисијата за изработка на нацрт на законот.

– За овие жени го избравме соодветниот збор – родилка. Терминот сурогат-мајка е груб и невистинит. Таа ќе раѓа за друга личност, јајце-клетката не потекнува од неа и таа нема да биде мајка. Преовлада мислењето со законот да се овозможи постоење на ваков вид договор со кој ќе се овозможи раѓање за друг – вели Орлиќ, во разговор за „Политика“.

Докторката Олга Цвејиќ Јанчиќ вели дека во Србија има околу 300.000 пара, кои ќе добијат можност да имаат потомци. Договорите за сурогат-мајчинството ќе се заведуваат во судот, кој ќе има увид во сета медицинска документација. Родилка може да биде и блиска роднина на идната мајка. Во случај, родилката да одлучи да го задржи детето, иако таа склучила договор дека таа ќе роди за друг, за тоа ќе одлучува судот.

Кога станува збор за наградата, се поставува и прашањето дали е морално да се раѓа за пари, но при подготвувањето на законот преовладало мислењето дека умерена награда е сосема адекватно решение. Со предлозите се предвидува сурогат-мајката да може да ја прекине бременоста и затоа на идните родители останува добро да ја проценат личноста со која склучуваат договор за раѓање.