Ни балканските политичари не се помалку изложени на ризикот од коронавирус, но неодминлив е впечатокот дека тие недоволно одговорно се однесуваат кон препораките за намалување на своите активности и контакти со луѓето

Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, е пуштен од болница, каде што се лекуваше од коронавирус, но нема веднаш да се врати на работа. Џонсон ќе го продолжи закрепнувањето во својата резиденција, соопштија од кабинетот на британскиот премиер. Веста за Борис Џонсон, која ја пренесоа сите медиуми, го потврди непобитниот факт дека на невидливиот непријател еднакво се изложени сите луѓе, од земјоделци, работници, до политичари.

Меѓу познатите имиња од светот на политиката што се соочија со симптомите од заразата беше и германската канцеларка Ангела Меркел, која, и покрај строгите безбедносни протоколи, беше „инфицирана“ преку нејзиниот доктор! Ни балканските политичари не се помалку изложени на ризикот од коронавирус, но ако се исклучи факторот „случајност“, неодминлив е впечатокот дека тие недоволно одговорно се однесуваат кон препораките на здравствените власти за намалување на своите активности и контакти со луѓето и не се придржуваат на препораките за „останување дома“.

Медиумите секојдневно информираат за многубројните активности на балканските политичари, кои за време на коронавирусот „неуморно“ остваруваат многу средби и даваат изјави и интервјуа, со што непотребно се доведуваат во опасност себеси и своите блиски соработници од евентуалното пренесување на вирусот. Во изминатиот недели имаше неколку вести од Балканот за тоа дека политичари и високи државни функционери биле во непосреден контакт со лица што биле носители на вирусот. Поради заразата и дел од српската влада мораше привремено да се премести од постојното седиште, поради смртта на еден државен секретар, кој почина како последица на заразата. Најизложен е претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој одбива да биде во „самоизолација“, иако неговиот постар син Данило е хоспитализиран поради симптоми од болеста.

Во јавноста во Србија се постави прашањето дали српскиот претседател е тестиран и зошто тој продолжува со своите посети низ земјата и не се наоѓа во задолжителниот карантин, кој се препорачува за секој граѓанин што бил со лице што е заболено од коронавирус. Тој при посетата на Ниш, при доделувањето медицинска опрема и респиратори, на прашањето на новинар на „Дојче веле“ потврди дека се видел со синот, но дека нема да се „оправдува за тоа пред медиумите“.
– Се видов со него и бев на значително растојание. Благодарам што сте загрижени за здравјето на синот и за мене – изјави Вучиќ.

Настанот со синот на Вучиќ, кој се заразил како волонтер при распределување храна, беше искористен во политички цели, а некои од провладините медиуми тоа го оценија како напад на српскиот претседател и обид на опозицијата тој да се исклучи од јавниот и политичкиот живот во земјата. Претседателот на движењето Двери, Бошко Обрадовиќ, го обвини претседателот на државата дека продолжува со предизборната кампања, со тоа што медицинската опрема, која е ургентно потребна за локалните болници, не е испорачана и непотребно се чека за „лична“ испорака од Вучиќ, на неговите предизборни митинзи низ Србија!

Деновиве двајцата главни политички ривали во Македонија се наоѓаат во задолжителен период на изолација, откако се констатира дека тие биле на телевизиско интервју со новинар за кого по дополнителни тестови се констатира дека бил заразен од коронавирусот. Направените тестовите за претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, се негативни и тие сега го „издржуваат“ задолжителниот период на изолација. Проблемот е во тоа што двајцата политичари остварувале голем број средби со членови од своите партии и претставници на извршната власт, со што беа потребни дополнителни ангажирања од вработените во здравствените служби за да ги извршат неопходните превентивните мерки. Оттука, се наметнува и прашањето за поодговорниот однос на политичарите во извршувањето на нивните функции, како и редуцирање на јавните настапи, кои немаат речиси никакво значење за подобрување на заштитата од епидемијата, а се многу повеќе во функција на политички маркетинг во период кога важат вонредни услови за сите граѓани во земјата.

Во Босна и Херцеговина член на извршната власт беше во 14-дневна самоизолација по средба со странски дипломат, а своите активности ги ограничи и заменик-министерот во Владата на Република Српска. На почетокот на воведувањето на мерките за ограничување на движењето, албанскиот премиер Еди Рама лично проверуваше дали пазарите се затворени и се убедуваше на улица со една пензионерка што не ја почитуваше забраната за движење.