Фото: Игор Бансколиев

Бугарија пред нови неизвесни парламентарни избори

Бугарија е пред нови парламентарни избори в недела, на кои граѓаните ќе треба да ја решат неизвесноста околу конечното формирање стабилна влада. Меѓутоа, анкетите пред изборите покажуваат дека ниедна партија не може да освои значителна предност во однос на политичките ривали, така што земјата повторно би се соочила со меѓупартиски условувања и уцени, околу составот на идната извршна власт.
По неуспехот да се состави нова влада, во претходните два изборни циклуса што се одржаа годинава, Бугарија влезе во парламентарна и владина криза, која предизвика длабоки поделби на бугарското општество. На регионален план, политичката криза во Бугарија влијаеше и на блокирање на процесот на проширување на Европската Унија, со ставањето вето за почеток на пристапните преговори со Македонија.
– Две работи се јасни: новиот парламент нема да биде поедноставен од претходните два и формирањето влада нема да биде полесно – вели Борјана Димитрова, политичка аналитичарка, во анкетата на „Алфа рисрч“.
Таа и другите политички аналитичари велат дека на крајот може да се формира влада што ќе ги групира антикорупциските партии и социјалистите. Последната анкета на реномираната агенција „Алфа рисрч“, направена од 7 до 9 ноември, покажува дека шест партии ќе влезат во парламентот.
Според оваа анкета, ГЕРБ има поддршка од 24,1 отсто од оние што се решени да излезат на гласање. По неа следува формацијата Продолжуваме со промената на двајцата неодамнешни министри во техничката влада, Кирил Петков и Асен Василев, со 16,5 отсто, а веднаш по неа е БСП со 16 проценти.
За Демократска Бугарија се изјасниле 10,2, за Има таков народ на Слави Трифонов 9,9 и за партијата на Турците, ДПС, 9,8 отсто. Партијата Исправи се.Бг! Ние доаѓаме! на Маја Манолова е под прагот да влезе во парламентот, со поддршка од 3,6 отсто.
За претседателските избори што се одржуваат истиот ден на 14 ноември, извесно е дека ќе има и втор круг во кој ќе одат сегашниот претседател Румен Радев и ректорот на Софискиот универзитет, Анастас Герџиков.