Католичката црква во Хрватска се противи на правото на абортус

По неколкудневниот молк на министерот за здравство Милан Кујунџиќ за имињата што работат на новиот закон за абортус, хрватските медиуми го добија списокот на кој се наоѓаат експерти од здравството што порано се декларирале како противници на насилното прекинување на бременоста. Како што пишува „Индекс“, на списокот со десетмина експерти што е доставен од Министерството за здравство на Хрватска се и двајца гинеколози, Анте Чорушиќ и Берислав Мишковиќ, кои во јавноста се познати по своите конзервативни ставови во однос на правото на абортус.

Специјалистот по гинекологија Анте Чорушиќ, кој беше и раководител на Клиничкиот центар во Загреб и претседател на Одборот за здравство во ХДЗ, во изјави за медиумите се фалеше дека убедил третина од жените да се откажат од прекинот на бременоста. Чорушиќ изјави дека правото на абортус сигурно нема да се укинува, но дека ќе се „редизајнира законот за да им биде подобро и на жените и на неродените деца“. Според негово мислење, човечкиот живот почнува со спојување на машките и женски јајце-клетки, а абортусот е договорена форма на насилно прекинување на животот. Тој, повикувајќи се на совеста, престанал да извршува абортуси.

Докторот Беривој Мишковиќ бил раководител на Клиниката за гинекологија во болницата „Свети дух“, која од 2014 година не изведува „операции“ за намерно прекинување на бременоста.

– Задача на експертите е да ги утврдат искуствата на државите во Европската Унија што се однесуваат на правото на прекин на бременоста и со својата анализа да ја подготви стручната подлога за изработка на законска регулатива – наведуваат од Министерството за здравство на Хрватска.

Ива Даворија од здружението за човекови права и граѓанска партиципација „ПаРитер“ е скептична околу исходот на работата на експертската група, за тоа што некои од нив јавно се повикуваа на совеста кога станува збор за абортусот.

– Се плашиме дека нивната работа ќе биде непристрасна, објективна, стручна и научно втемелена или тоа ќе биде сведено на идеолошко-црковно прашање. При донесувањето ваков закон, не смее да се случи тоа. Ова не е тимот што ни влева надеж како треба да се работи – смета Даворија.

Таа искажа загриженост дали ќе се послушаат препораките на Уставниот суд на Хрватска за абортусот да биде легален, или тој нема да биде достапен поради големиот број доктори што ќе се „повикуваат на совеста“.