Политичарите што ја водеа Србија пред Вучиќ покажаа што можат и затоа беа принудени да заминат, нов или трет тим, не е на повидок, констатира
љубљанско „Дело“

Насилниот упад на дел од демонстрантите и опозицијата во РТС покажуваат колку учесниците на протестите во Белград се очајни, а на Брисел му станува јасно дека српската опозиција е неспособна да се афирмира на избори, пишуваат словенечките медиуми за последните случувања во Србија.

Љубљански „Дневник“ констатира дека по повеќемесечните мирни протести демонстрантите ја преминале „чувствителната линија“ меѓу демократското право на мирно изразување на несогласувањето со владината политика и влегувањето во државната телевизија.

– Ако некој може да биде задоволен од развојот на настаните на улиците на Белград, тоа е српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој со својата малку националистичка, малку космополитска, малку проевропска и малку проруска, но целосно прагматична политика, е многу поголем гарант на релативниот мир на Балканот од српската опозиција, во која се собрани партии со различна ориентација и чија единствена точка на консензусот е омраза кон Вучиќ. Таквата опозиција не нуди ништо што Србите веќе го немаат под власта на Вучиќ – пишува „Дневник“.

Во коментарот насловен „Српско покажување мускули“, мариборскиот „Вечер“ смета дека демонстрациите што преминале во насилни протести, покажуваат дека двете страни ги губат нервите и ги напрегаат мускулите, што не е добро за целата состојба во земјата. Во текстот посветен на Србија, се поставува и прашањето зошто молчи Европската Унија.

– Вучиќ направи неколку отстапки кон демонстрантите, кои влегоа во РТС, и подготвен е да разговара со цивилното општество, но не и со опозицијата, која ги претставува „националистот“ Бошко Обрадовиќ и левицата на Бошко Стефановиќ. Српскиот претседател се соочува со проблеми и затоа ја применил тактиката раздели па владеј. Во заднината на настаните се случуваат далеку поголеми работи, а тоа е обидот на ЕУ во тајност да го трасира патот на спогодбата меѓу Белград и Приштина. Тоа е и причината зошто се молчи во ЕУ – забележува „Вечер“.

Љубљанско „Дело“ во коментарот насловен „Кога на српските противници им се даваат крила“ предупредува дека протестите можат да ѝ наштетат на Србија на меѓународно ниво. Весникот го споредува Вучиќ со Јосип Броз Тито, според неговото присуство во медиумите, а посочува и на проблемот со невработеноста во Србија, ниските плати и уште пониските пензии.

– Политичарите што ја водеа Србија пред Вучиќ покажаа што можат и затоа беа принудени да заминат, нов или трет тим, не е на повидок – констатира „Дело“.
Весникот смета дека протестите не ѝ помагаат на надворешната политика на Србија, имајќи го предвид проблемот со Косово, која бара силна позиција и искреност од политичките лидери на српската страна. Овие протести имаат цел да го поткопаат кредибилитетот на Вучиќ во преговорите и им дава крила на противниците на Србија, заклучува „Дело“.