Во 12 општини во Србија е прогласена вонредна состојба, каде што се излеани реките и се поплавени голем број села. Како што пренесуваат локалните медиуми, голема штета има во Краљево, каде што се поплавени околу 400 куќи и објекти, оштетени се или целосно уништени 16 моста, а е прекинат сообраќајот на 20 патни правци.

Во обилните дождови што ја зафатија земјата, за една ноќ паднало дожд колку што вообичаено паѓа за еден месец, информираа метеоролозите.

Најпогодени од поплавите беа регионите од централна и западна Србија. Особено е критична ситуацијата во Сирча, каде што има умрени животни на улиците.
Во општината Лучани водата се повлекла, а во наредните денови ќе бидат утврдени и штетите, што особено го погодија Драгачево, каде што се случи лизгање на земјиштето. На помош на загрозените граѓани им се приклучија Армијата на Србија, на покана на Штабот за вонредни состојби, и општините.

Републичкиот хидрометеоролошки завод вчера издаде ново предупредување дека Србија ќе биде зафатена со силни дождови, грмежи и локални појави на град, особено во северните делови на земјата.