Албанската почва и понатаму не мирува. Земјата веќе два месеца е „жешка“ почва кога станува збор за потреси. Според Институтот за сеизмологија последниот земјотрес регистриран е во подрачјето Ѓирит те Лазрит во близината на Драч. – Потресот е регистриран во еден часот по полноќ со епицентар на 11 километри длабочина на крајбрежјето, со јачина од 2,1 степени според Рихтер.

На ова подрачје регистрирани се околу 800 потреси, откако беше регистриран првиот земјотрес со јачина од 5,2 степен на четврти јули – потврдуваат од институтот. За нецели два месеца на територијата на земјата регистрирани се повеќе од илјада потреси, со различна јачина од 1,8 до 5,2 степени според Рихтер. Освен во близината на Драч, земјотрес исто така со јачина од 5,2 степена, на 11 август, беше регистриран и во пограничното албанско гратче Булќиза, кое е во близината на албанско-македонската граница кај Дебар, поради што потресот силно се почувствува и во дебарскиот регион.