Европската Унија ќе му даде на секој мигрант што е сместен во веќе преполните кампови на грчките острови по 2.000 евра за да се врати во матичната земја, објави комесарката за внатрешни работи на ЕУ, Илва Јохансон, во Атина, по договор со грчката влада.

Таа рече дека опцијата е привремена, ќе трае само еден месец и се однесува за мигрантите што дошле во Грција пред 1 јануари. Речиси 5.000 мигранти ги исполнуваат условите за доброволно враќање, јави Би-би-си.

Стотици мигранти и бегалци овој месец со брод стигнаа до грчките острови во близината на Турција зголемувајќи го притисокот врз центрите за прием.
Во камповите веќе има повеќе од 37.000 мигранти, иако може да примат само 6.000.
Јохансон рече дека седум земји-членки на ЕУ се согласиле да прифатат најмалку 1.600 деца без придружба за кои се смета дека се особено ранливи.

Агенцијата на ЕУ за контрола на надворешните граници – Фронтекс испрати во Грција дополнителни 100 експерти од 22 земји на ЕУ во рамките на операцијата за брза гранична интервенција што беше побарана од земјата домаќин во врска со напливот на бегалци на границата со Турција.

– Присуството на 100 полицајци од цела Европа го истакнува фактот дека заштитата на зоната на европскиот простор на слобода, безбедност и праведност е заедничка одговорност на сите држави-членки и на Фронтекс – посочи извршниот директор на агенцијата Фабрис Леџери при почнувањето на операцијата во грчкиот град Орестиада.