Бугарија

Бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, изјави дека на 2 септември ќе се дознае дали ќе има 120 потписи за поддршка на предлогот на ГЕРБ за оставка на Владата и ако има, уште тогаш ќе постои подготвеност за оставка.
– Потребата од свикување на Големото народно собрание се расправаше со години, но досега никој не го стори тоа, вклучувајќи и голем број политички партии што водеа и такви предизборни кампањи. Ние го сторивме тоа – рече Захариева.
Претходно бугарскиот претседател Румен Радев побара премиерот Бојко Борисов веднаш да поднесе безусловна оставка.

– Предлозите на премиерот не треба воопшто да се коментираат. Ги повикувам сите оние што се грижат за иднината на Бугарија да не паднат во стапицата на Борисов – рече Радев, при неговата посета на крајбрежниот град Варна.
Во Бугарија веќе неколку недели траат протестите со барање за оставка од Владата, за што причина е, како што велат демонстрантите, несправувањето со корупцијата. Бугарскиот премиер Бојко Борисов рече дека ќе бара уставни измени и предвремени избори, по чие распишување ќе поднесе оставка.

По пристигнувањето на Радев во Варна, дошло до мал судир меѓу приврзаниците на владејачката партија и демонстрантите против Владата.