Косовските и српските власти постигнаа договор за намалување на тензиите околу спорот со регистарските таблички во северно Косово. Двете страни се договорија да се тргнат барикадите од патиштата, но и да се повлече воената техника од српско-косовската граница

Во Брисел постигнат компромис за надминување на тензиите на српско-косовската граница

По единаесет дена војна на нерви со блокади, тенкови и борбени возила на линијата на разграничување, Белград и Приштина се огласија дека постигнале договор за намалување на тензиите околу спорот со регистарските таблички во северно Косово.
Оваа информација прв ја соопшти специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, кој на социјалната мрежа Твитер во четвртокот вечер напиша кратко само дека има договор.
Како што пренесуваат регионалните медиуми, косовските и српските власти во Брисел се согласиле да нема симнување на српските регистарски таблички, туку врз нив да ставаат налепници, а косовските специјалци да се тргнат од граничните премини Брњаќ и Јариње. Истовремено, според договорот, целата ситуација ќе ја надгледува КФОР, додека барикадите на патиштата од српското население исто така ќе треба да бидат тргнати.

Курти и Вучиќ со свои ставови за компромисот

Во меѓувреме, српскиот претседател Александар Вучиќ од Ниш изјави дека српската страна го прифатила компромисниот предлог за деескалација на ситуацијата.
– Мислам дека постигнавме еден вид компромисно решение, со кое сум лично многу задоволен – рече Вучиќ, а потоа ги прочита точките од договорот. Оценувајќи дека договорот има „добри и лоши страни“, Вучиќ посочи дека за Србија е важно РОСУ (специјалната полиција на Косово) да се повлече од северот за да се зачува мирот.
Од друга стана, премиерот на Косово, Албин Курти, по постигнувањето на договорот за регистарските таблички меѓу Белград и Приштина во Брисел изјави дека почнува ерата на привикнување на Србија на реципроцитет. Тој рече дека специјалната единица на косовската полиција (РОСУ) отишла на граничните премини Јариње и Брњак за да ги заштитат тие премини и полицијата од блокадите на патиштата што беа активни таму.
– Со оглед на тоа што заминуваат, нашата специјална единица не мора да остане таму и секогаш останува подготвена во иднина да интервенира во која било иста или слична ситуација. КФОР ќе остане таму околу две недели, за да се увери дека сѐ е безбедно – напиша Курти на Фејсбук.

Меѓународната заедница го поздрави договорот

Паралелно со објавувањето на веста за смирување на тензиите меѓу Белград и Приштина, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен, и шефот за заедничка надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, го поздравија договорот за регистарските таблички постигнат меѓу двете страни, со посредство на европскиот специјален претставник Мирослав Лајчак во Брисел.
– Ова е многу позитивен развој по моите средби со претседателот Александар Вучиќ и премиерот Албин Курти. Тоа е добро за целиот регион, дијалогот сега треба да продолжи – напиша Фон дер Лејен на Твитер.
Слично како неа, и Борел на Твитер напиша дека Косово и Србија треба конструктивно да се вклучат во дијалогот за да постигнат брз напредок во нормализирањето на меѓусебните односи.
Американскиот заменик на помошник-државниот секретар задолжен за Западен Балкан, Габриел Ескобар, оцени дека косовската влада има право да применува реципроцитет, но дека таа одлука ги изненадила американските власти.
– Косовската влада има право да применува реципроцитет. За тоа однапред бевме договорени. Меѓутоа, кога се работи за спроведување на тој реципроцитет, сметам дека таа одлука изненади многумина од нас – изјави Ескобар на прес-конференција во Брисел.
Регионалните експерти за последните случувања коментираат дека иако ситуацијата со табличките е решена, сепак, останува проблемот за признавањето на независноста на Косово од страна на Србија, кој може да донесе нови безбедносни бранувања за регионот.


Што е договорено меѓу Косово и Србија

Делегациите на Србија и на Косово на 30 септември 2021 во Брисел се договорија:
1. Симултано повлекување од 2 октомври: Специјалните сили на косовските безбедносни служби ќе се повлечат од граничните премини Јариње и Брњак паралелно со отстранувањето на блокадите на патиштата од страна на српското население. За време на повлекувањето од двете страни, КФОР ќе ја надгледува ситуацијата на теренот, но и на границите.
2. Режим на налепници од 4 октомври: Двете земји ќе користат налепници со кои ќе се покриваат ознаките на регистарските таблички додека не се најде трајно решение.
3. Формирање работна група на 21 октомври: Работната група ќе се формира од претставниците на Србија и на Косово, со посредништво на ЕУ. Целта е да се најде трајно решение за проблемот со регистарските таблички, во согласност со европските стандарди и практики.