На гласачките места низ Турција во тек е пребројувањето на гласачките ливчиња, за денешните претседателски и парламентарни избори. Првичните резултати се очекува да почнат да бидат објавувани по еден час. Се очекува првин да бидат објавени резултатите од гласањето на претседателските избори, додека гласовите од парламентарните избори да бидат објавени подоцна во текот на денот.

Право на глас на изборите имаа 56 милиони граѓани, а водечки кандидати на претседателските избори се претседателот Реџеп Таип Ердоган и противкандидатот од Републиканската партија Мухарем Инџе, кој се обидува да издејствува втор круг.

Кандидатски листи на парламентарните избори поднесоа две поголеми коалиции. Едната е предводена од Партијата на правдата и развојот на Ердоган, а другата од Републиканската партија. Свои листи имаат и про-курдската Народна демократска партија, Татковинската партија и партијата Худа-пар.

Во текот на изборниот ден, опозицискиот лидер Киличдароглу обвини за изборни нерегуларности на немирниот југоисток на државата. Агенцијата Анадолија објави и дека десет странски лица пријавени како набљудувачи биле отстранети и против нив биле покренати постапки поради мешање во текот на изборите.