Наследникот на богато семејство, 30-годишниот Милош Остојиќ, е убиен завчера во источно Сараево, во класична заседа. Тој е ранет пред клубот „Спарта“, а од последиците на повредите починал, соопшти полицијата.

Жртвата потекнува од моќно семејство, имаат неколку приватни фирми и многумина од месното население се вработени кај нив. Исто така, клубот пред кој Милош бил убиен бил во сопственост на неговото семејство.

Во рамките на истрагата биле приведени повеќе лица, кои би можеле да бидат поврзани со извршувањето на ова кривично дело. Полицијата направи криминалистичка обработка на приведените лица. На подрачјето на источно Сараево е пронајдено запалено патничко возило од марката „голф 5“, а полицијата се сомнева дека било користено при извршувањето на убиството.

Во опсежната потера на полицијата, пред амбасадата на Соединетите Американски Држави, бил пресретнат автомобил со црногорски регистарски таблички, а во него биле еден маж и една девојка од Ниш.

– Лицата ќе ѝ бидат предадени на полициската управа на источно Сараево – изјави портпаролката на Министерството за внатрешни работи на кантонот Сараево, Сувада Кулдија.

Последната информација објавена во медиумите е дека двете лица сѐ уште се во полициската станица и ним им е определен притвор во траење од 24 часа.