Состојбата со преминувањето на илегалните мигранти на хрватска територија станува сѐ потешка и посериозна, беше посочено на седницата на Комисијата за координација за националната безбедност, од страна на претставниците на полицијата и граничната служба на Хрватска.

– Притисокот на државната граница ќе биде сѐ посилен. Претстојат многу предизвици пред нас и потребно е да се зајакнуваат капацитетите, како и размената на информации на сите безбедносни служби во земјата – е пораката на раководителот на полицијата Никола Милин.

За сериозноста на проблемот помошник-началникот на Управата за граници, Гилио Тоиќ Синтиќ, изнесе податоци за незаконските преминувања, кои се во пораст за 70 отсто во споредба со 2017 година. За првите осум месеци годинава илегалните преминувања се за 211 отсто повисоки во споредба со истиот период во 2018 година. Најголем притисок на мигрантите е на подрачјето на карловачката полициска управа, како и на сисачко-мославската и личко- сењската управа.

Припадниците на хрватската гранична полиција во текот на првите осум месеци годинава фатиле 11.813 лица што илегално се обиделе да преминат на територијата на Хрватска, а тоа е за 3.609 лица повеќе од целата 2018 година. Словенечката полиција вратила 6.447 илегални мигранти. Доколку продолжи овој прилив на мигранти, може да се очекува хрватската полиција до крајот на годината да приведе повеќе од 15.000 мигранти, кои се обидуваат илегално да влезат во Хрватска, објави „Јутарњи лист“.