Србија воведува мерки за борба против „белата чума“

Од први јануари за секое првородено дете во Србија, наместо 100 илјади динари (854 евра), од државната каса ќе се исплаќа 300 илјади динари (2.564 евра), а ќе биде зголемена и сумата на месечната исплата од десет илјади за второ дете. Месечните „бонуси“ за младите родители се исплатуваат во текот на две години. Заради подобрување на демографската слика, Владата во Србија ќе донесе и мерки за олеснување за купување стан, така што младите двојки неповратно од државата ќе добиваат меѓу десет и дваесет илјади евра, но правото на сопственост на станот ќе им припаѓа на мајките, за да се избегнат евентуалните злоупотреби. За да се избегне одложувањето на раѓањето на првото дете, на мајките што се на факултетски студии ќе им се овозможи полагање на испитите надвор редовните испитни рокови, без дополнителни трошоци.
Демографите подолго време предупредуваат за намалување на наталитетот во Србија и за неопходноста за преземање економски мери, кои би влијаеле на зголемувањето на родноста на жените во Србија. Сегашниот просек во оваа земја е 1,5 дете, што е недоволно за обезбедување на простата репродукција на населението. Посакуваните проекции на демографите се достигнување на родноста, односно фертилитетот од 2,1 деца на една жена.

– Најновите мерки за потикнување на раѓањето доаѓаат во вистински момент. Демографската слика во земјата е лоша. Во последните четири години посебно го стимулиравме раѓањето на трето и четврто дете, а сега се посветуваме на раѓањето на прво и второ дете – вели Славица Ѓукиќ Дејановиќ, поранешна министерка за демографска и популациона политика, во изјава за „Спутник“.
Зголемувањето на државната помош за децата претставува големо финансиско олеснување за семејствата во Србија, а кои за раѓањето на првото дете добиваат и еднократни исплати од локалните самоуправи, кои во просек се движат околу 100.000 динари. Српските жени своето прво дете го раѓаат на 30 години, а со тоа се губи една генерација. Затоа, како што изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ, новата популациона политика е насочена кон младите што поради студирањето го одложуваат мајчинството.

– Сите позитивни мерки што ги донесуваме, според демографските параметри, ќе имаат ефект за десет години, бидејќи секоја жена во репродуктивниот период би требала да има 2,1 деца. Овие стапки на наталитет бавно растат, што значи дека ваквите мерки не се поврзани со политичките поени, туку со напорите на државата за подобрување на пренаталната политика, односно на демографската состојба – вели Ѓукиќ Дејановиќ.
Меѓутоа, како што посочуваат демографите, не се доволни само финансиските поттикнувања за стекнување со родителството, наедно мора да се подобрат и вонекономските услови за одгледување на децата. Ова значи да се намалува „психолошката цена“ од родителството, преку подобрување на другите услужни сервиси за помош на мајките во грижата на децата.
Демографот Владимир Никитовиќ предупредува дека со потпирањето само на економски мерки може да се постигнат резултати на краток рок, но долгорочно нема да се реши проблемот со наталитетот. Неопходно е усогласување на работата и родителството, а на одлуката за проширување на семејството влијае и вложувањето во возрасните деца, нивното школување, што е многу поскапо во однос пред 20 години, пишува „Спутник“.