Повеќе од пет тони кокаин од бродот Арес требало да биде испорачано во Солун, од каде членови на которски клан требало да го преземат, пишува „Дан“. Кокаинот го запленила холандската полиција.

Се уште не е утврдено на кој од двата которски клана му припаѓаат лицата кои биле задолжени да ја преземат дрогата во Грција. Оваа пратка се поврзува со убиството на Игор Дедовиќ и Стеван Стаматовиќ, наведуваат грчките медиуми.

На бродот Арес во Венецуела уапсени се четворица мажи од Котор. Нивното апсење е резултат на повеќемесечна меѓународна акција, која ја иницирала црногорската полиција, додава „Дан“.

Според пишувањата на весникот, уште двајца црногорски државјани се осомничени за поврзаност со шверц на кокаин, а надлежните трагаат по нив.

Безбедносните служби дошле до оперативни сознанија дека во шверцот со кокаин учествувале уште црногорски државјани, но и државјани на Србија и БиХ.

Бродот Арес пловел под знамето на Камерун. Како што пишуваат шпанските медиуми, тој брод кон крајот на февруари испловил од Суринам, а потоа доаѓал во пристаништето Гуаранао во Венецуела. По тоа се упатил кон солунското пристаниште.

Полицијата го пресретнала во меѓународните води, а за време на акцијата се уапсени седум лица, меѓу кои бил и капетанот на бродот. Полицијата прво пронашла еден тон кокаин, а потоа со претрес на бродот пронашла уште четири тона. На бродот се пронајдени и 50.000 таблети екстази.