На Европската Унија ѝ е потребна стабилна косовска влада, која ќе може да ги исполни обврските што ги презема од Бриселскиот договор за регулирање на односите со Србија. Поради тоа на косовските лидери им било сугерирано годинава да излезат на вонредни парламентарни избори. Приштинскиот весник „Коха“ пишува дека Канцеларијата на ЕУ испратила порака до Приштина политичките лидери да не се противат на идејата за предвремени парламентарни избори.
Со слична порака излегоа и САД, со препорака до ЕУ да не се меша во слободната, демократска и политичка дебата на Косово, со објаснување дека „имаат јасно разбирање дека стабилноста и ефикасното управување се во интерес на народот на Косово“.

Стефан Сурлиќ од Факултетот за политички науки изјави за „Спутник“ дека моменталната состојба во Приштина е многу нестабилна, особено по излегувањето на Српската листа од косовската влада. Токму силна влада е потребна за формирање на заедницата на српските општини во Косово, на што се однесуваат и реакциите од Канцеларијата на ЕУ.
Тој потсети дека пратениците од српската заедница го обезбедуваат мнозинството во косовската влада. Од другите политички партии, Демократската лига и движењето „Самоопределување“ веќе се изјаснија дека нема да ѝ дадат поддршка на сегашната влада на Рамуш Харадинај. На прашањето колку е спорна самата личност на косовскиот премиер, кој беше изложен и на критики на Западот, соговорникот на „Спутник“ смета дека тој не е толку спорен за западните држави колку за српската страна.

– Тоа што најмногу ѝ пречи на Меѓународната заедница во случајот со Харадинај е што не се сигурни дека тој останува доследен на она што ќе го договорат претходно. За ЕУ се потребни стабилна влада во Приштина и сериозна личност, која може да го исполни тоа што претходно е прифатено од страна на приштинските власти – истакнува Сурлиќ.
Во Приштина не постои стабилна политичка сцена и сѐ е раководено на некој феудален начин. Од Меѓународната заедница се свесни за сегашната констелација на силите, каде што постојат посебни интереси меѓу Тачи, Харадинај, Лимај и Кадрија Весели. Во такви нејасни односи и нестабилно мнозинство, единствено решение претставува да се дојде до кредибилен преговарач. Изборите нема битно да ги променат условите и да се дојде до нова стабилна влада. Таа мора повторно да биде коалициска и повторно ќе зависи од гласовите на Српската листа – смета соговорникот на „Спутник“.