Односите меѓу Русија и Србија се посебни, така што никакви скандали не можат да ги нарушат, гласи ставот на Кремљ

Во заднината на шпионската афера, во која главни актери се поранешен заменик на воено аташе на Русија, кој е акредитиран во Белград, како и висок службеник на Србија, стојат нарачатели од Западот, а главната цел е да се компромитираат односите меѓу двете земји.

Според пишувањата на српските медиуми, западните сили имаат намера Србија што порано да ја внесат во НАТО-пактот, а за тоа била „лансирана“ сериозна шпионска афера. Неделава, најпрво на социјалните мрежи беше објавена видеоснимка на која се гледа како службеникот на руската амбасада, полковникот Георгиј Викторовиќ Клебан, му предава ќесе со пари на човек за кој се тврди дека е „високопозициониран српски офицер“. Целиот настан се одвивал на паркингот пред ресторан во Земун, а потоа тие заминале во блиската пивница. Двајцата размениле ќеси. На крајот на снимката се гледа како „српскиот офицер“ вади шише „вотка“, а потоа отвора коверт и ги пребројува парите.

Стручњаците за безбедност веруваат дека САД и Европската Унија сакаат преку оваа афера да ја свртат српската јавност против соработката на Русија и на Србија. По повод овој случај, српскиот претседател Александар Вучиќ за вчера закажа и седница на Советот за национална безбедност. Тој се сретна и со амбасадорот на Руската Федерација, Александар Боцан Харченко.
За овој настан се огласи и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој соопшти дека односите меѓу Русија и Србија се посебни, така што никакви скандали за наводно врбување на српскиот офицер од страна на војската на Русија не можат да влијаат на нив.

– Не знаеме каков е тој инцидент. Тоа треба да се утврди. Ова не е прашање на претседателската администрација, но односите меѓу двете земји се партнерски, братски и сојузнички и ништо не може да влијае на тоа – одговори Песков.
Претседателот на собранискиот одбор за Косово и Метохија, Милован Дрецун, за објавената снимка рече дека таа е доказ дека кон Србија подолго време се водат низа хибридни операции, со намера да се влијае на надворешната и внатрешната политика на земјата.

– Се поставува прашањето кој е авторот на снимката и од која служба, а тоа да не е српската, која е способна да изведе ваква операција – да следи луѓе и да снима автомобили. Која е личноста што. наводно, предава информации и што е предмет на интересирање на рускиот агент – посочува Дрецун во разговор за РТС.
За коментарите во медиумите дека снимката ја пуштиле американските служби по 50 неуспешни обиди што биле оневозможени од руската служба, Дрецун вели дека може да се „претпоставува“ кој стои зад сето ова. Но тој укажува на амбиентот во кој е објавена снимката и на податокот дека бугарски истражувачки новинар е директно поврзан со објавување на видеоснимката.

Дрецун потсетува на неодамнешната бурна реакција на Бугарија на присуството на системот С-400 на заедничките вежби на Србија и Русија, а шпионската приказна може да им нанесе штета на руско-српските интереси. Така, последниот настан е продолжување на хибридната војна против Србија, а тоа е темпирано во пресрет на посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Србија.