Во контекст на надворешната политика на Турција во светот и во регионот за изградба на некој вид муслиманска унија под турско водство и натаму останува енигма во каква корелација се американската и турската политика, колку тие се судираат, а колку дејствуваат усогласено. Во секој случај, блискоисточната политика на САД и на европските сојузници со сите свои ефекти, всушност, овозможи залет на турската политика, темелена на „неосманизмот“

По турската воена интервенција во Сирија, Либија и посредно во Азербејџан на Кавказот се буди старото царство од Босфорот. Потезите на Анкара на дипломатски план веќе ги надминуваат рамките на тоа што се нарекува неосманизам, доктрина што е дефинирана во книгата „Стратегиска длабочина“ од Ахмет Давутоглу, поранешниот министер за надворешни работи и премиер, кој беше сменет по расколот со актуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган.
Проширувањето на влијанието на Турција претставува обид за изградба на ново царство, на просторот на кој некогаш се простирало Османлиското Царство. Анкара веќе го презеде водството од Египет и од Саудиска Арабија во делот на муслиманскиот свет, а притоа не ги избира своите сојузници според верските одредници. Така, турската надворешна соработка истовремено се поврзува со либиските сунити и со шиитите во Азербејџан. Најексплицитно објаснување за надворешнополитичкиот план на Турција дава Мустафа Цериќ, реисoт на Исламската заедница во Босна и Херцеговина од 1993 до 2012 година, кој зборувајќи за тоа каква е „алтернативата на Бошњаците“ јавно прашува дали тоа е приклучување на Турција, која ќе направи своја европска унија.
Нејзината политика на чекор по чекор, ги оживува турските геополитички опции што се поставени во доктрината на Ахмет Давутоглу и претставува темел на надворешното политичко дејствување на земјата. Во замислите на Давутоглу, Турција се репозиционира од периферна сила во меѓународните односи во центар на случувањата на крстосницата на световите и културите од Исток и од Запад, меѓу Европа, Блискиот Исток и Азија. Исклучителната геополитичка положба на краевите од Евроазија, од каде што се контролираат Босфорот и Суецкиот Канал, со историското наследство на културните врски со Балканот, Блискиот Исток и Средна Азија, ќе создаде од неа супердржава со глобално стратегиско значење. Турција како возобновувач на таквото царство, на османлискиот геополитички простор, би станала предводник на исламскиот свет, се наведува во анализата на „Геополитика њуз“.

Клучеви на мирот и на војната

Турската политика денес отиде многу далеку од тоа што го пишуваше Давутоглу. Веќе не станува збор за создавање сфера на влијание туку за конкретна физичка присутност на подрачјата опфатени со „стратегиската длабочина“ со политички, воени и економски инструменти. Американското и сојузничко воено прекројување на Блискиот Исток што беше почнато со т.н. Арапска пролет широко ја отвори вратата за ефективната реализација на турските геостратегиски цели. Турција јасно им стави на знаење на своите сојузници и на своите противници колкава е нејзината геополитичка моќ и дека клучевите за војна и за мир, на просторот на кој има влијание, се во нејзини раце.
Со затворање на морските премини на Босфор, Дарданели и Суецкиот Канал за руските бродови би ја онеспособила руската црноморска флота и би ја отежнала нивната операција во Сирија и би ги решила многуте проблеми на американската блискоисточна стратегија. Со тоа ќе овозможи пренесување на тежиштето на дејствување кон јужните делови на Русија, Иран и конечно кон Кина. Таа е скапоцениот камен во круната на НАТО и со заветот за апсолутна верност на НАТО-сојузниците таа во исто време бара отстапки за својата долгорочна политика. Според сличната методологија во „мигрантската криза“, Турција ефективно влијае на мигрантските движењата во Европа и ја држи во шах-позиција целата Европска Унија, која постојано ја принудува на отстапки во корист на турската надворешна политика.

Некогаш моќната арапска и муслиманска сила, Египет, е целосно уништена со Арапската пролет, која беше поттикната и поддржана од страна на САД и на европските сили. Саудиска Арабија како чувар на светите места на исламот секогаш ќе има значајно влијание во муслиманскиот свет, но во овој историски миг Турција тргнува во офанзива. Саудиска Арабија дополнително е компромитирана со воениот неуспех во Јемен и со физичките ликвидации на политичките противници и со нескриеното ширење на екстремизмот во светот, се заклучува во текстот на „Геополитика њуз“.
Во контекст на турската офанзива и почетокот на практичната изградба на некој вид муслиманска унија под турско водство и натаму останува енигма во каква корелација се американската и турската политика, колку тие се судираат, а колку дејствуваат усогласено. Непобитен факт е дека без американската интервенција во муслиманскиот свет Турција не би имала позиции во Либија, а ни нејзините воени единици не би маневрирале и дејствувале во Сирија.
Во секој случај, блискоисточната политика на САД и европските сојузници со сите свои трагични ефекти всушност овозможија залет на турската политика. Дали Турција итро и агилно ги искористи последиците на западните воени, политички и разузнавачки интервенции во арапскиот и муслиманскиот свет или постои некаков договор меѓу Турција и Западот за поделба на влијанија на евроазискиот простор, на тој начин што САД и европските сили ќе ја контролираат Европа, а турските амбиции се насочени кон Блискиот Исток, Северна Африка и Кавказ и на тој начин ќе ја отстранат од европскиот простор. Истовремено на тој начин Турција и Русија би се довеле во позиција на меѓусебно соочување проследени со повремени краткорочни и опортунистички договори, што во последните години и се случува. Ова засега е во сферата на шпекулации. Но индикативно е тоа што сите постапки што САД и европските сили ги правеа во последната декада на блискоисточните простори им одговараа на интересите на Турција.

Историска поврзаност со Западен Балкан

Брзата реализација на поставената доктрина за муслиманска интеграција под турско водство, пред Турција создава голем број непријатели, како во арапскиот свет, така и меѓу европските сили. Нејзиното влијание зајакнува и во Африка, особено во Мали и со тоа директно навлегува во просторот на ексклузивната француска постколонијална доминација и искористување суровини и енергенти. Судирот со Франција и со државите од ЕУ беше неизбежен. Продолжува и судирот со Франција за превласта во источниот дел на Средоземно Море, што резултира со француското барање за воведување санкции против Анкара.
Несомнено, турската надворешна политика е во експанзија целејќи кон многу поголем залак – создавање некаков облик на интеграција на муслиманските држави под свое водство на подрачјата на кои некогаш се простираше Османлиското Царство. Останува да се види дали добро осмислената турска политика ќе го намали темпото, ќе ги сменил ли модалитетите на дејствување или ќе продолжи со иста брзина кон остварување на долгорочните цели, без разлика на опасноста на кои се изложува.
Турските инвестиции на Западен Балкан се во пораст во последните две децении и од 3,6 милијарди долари во 2002 година пораснале на 16,2 милијарди во 2016 година. Вкупниот турски извоз во регионот изнесува околу 10 милијарди долари, од тоа третина се однесува на Србија. Турските фирми се вклучени во повеќе големи инфраструктурни проекти во регионот, а насочени се во телекомуникациите, градежништвото, текстилниот сектор, транспортот и финансиите.

Меѓутоа, турското учество во вкупната трговска размена и инвестиции во секоја поединечна земја од ЗБ е мала. Нивните инвестиции се насочени во неразвиената инфраструктура претежно во рурални подрачја. Турција во економска смисла не може да им биде конкурент на земјите од Европската Унија и влијанието во ЗБ. Но историски и културолошки Турција, поради османлиското наследство, е многу поблиска од другите земји што се активни во регионот. Ова културолошко влијание на Турција на Балканот е засилено со промоција на „меката моќ“ преку културните и јазичните центри што се отворени во земјите од регионот, особено во Босна и Херцеговина и во регионите населени со Бошњаци. Со развиените културно-историски врски, како една од најстарите членка на НАТО и значаен партнер на ЕУ, Турција би требало да ја игра важната улога на Западен Балкан. Во некаква совршена соработка со Западот, таа би можела да претставува и сериозен регионална контратежа на Русија, а и на сѐ поприсутната Кина, пишува во една од анализите на соработниците на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

Стратегиско партнерство со Македонија

Македонија и Турција во 2008 година потпишаа договор за стратегиско партнерство на политичко, економско, воено, културно и научно ниво. За важноста на договорот што денеска во Анкара се потпишува, говори и фактот што ваков договор Македонија има потпишано само со Соединетите Американски Држави, што се случи во мај годинава. „Акцентот на меѓусебната соработка ќе биде ставен на заедничките аспирации на двете држави за членство во ЕУ, како и поддршката од Турција за нашите напори за членство во НАТО“, соопштија од Министерството за надворешни работи на Македонија, по потпишувањето на договорот.
Освен соработката на политичко ниво, на воен план договорот предвидува соодветна помош, заеднички воени вежби, обука на персоналот, соработка во борбата против тероризмот. На економски план, пак, се предвидува соработка во областа на енергетскиот сектор, индустријата, интензивирање на трговската соработка, зголемување на инвестициите. Македонија веќе има, а преку потпишувањето на стратегијата уште повеќе ги зајакнува билатералните односи со еден многу,,крупен“ партнер на Балканот – Турција, чија поддршка е огромна уште од периодот на нашето осамостојување, коментираат аналитичарите.

Во изминатиот период Турција беше главен поддржувач на Македонија во процесот за зачленување во НАТО. Од турското министерство за одбрана се одобрени повеќе донации на воена опрема за македонската армија, а турските компании се активни во инвестирањето во македонската економија.
Добрите и пријателски односи меѓу Македонија и Турција беа потврдени и на последната средба на премиерот Зоран Заев со Мустафа Шентон, претседател на Големото национално собрание на Република Турција. Посетата на парламентарната делегација од Турција беше во рамките на одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик во нашата држава. Премиерот Заев се заблагодари за поддршката што ѝ ја дава Турција на нашата држава од осамостојувањето на државава до денес и посочил дека Турција е меѓу најголемите инвеститори во нашата држава и изрази особена благодарност за помошта во областа на здравството за време на пандемијата, како и за поддршката на армијата, во рамките на НАТО-партнерството.