Националните процени за ризикот се разликуваат од земја до земја, затоа што правните системи се различни, како и луѓето и социјалната култура, нивото на животниот стандард и криминалната слика

Европската комисија подготвува нов шести пакет насоки против перењето пари, а ќе биде формирана и посебна агенција за да ги спречи нелегалните текови на парите во Европската Унија. Ова покажува дека не се само земјите со неразвиен пазарен и финансиски систем, како што се државите од Западен Балкан, еднакво изложени на меѓународни активности за перење пари. Во земјите-членки на Унијата постои голем отпор против овие мерки, а и самите големи и реномирани банки не беа посветени да помогнат во носењето на одбранбениот систем од перењето пари, изјави меѓу другото Валдис Домбровкис, потпретседател на ЕК. Новите планови во спречувањето на оваа појава во ЕУ се појавија во 2018 година, кога беше откриен случај на перење пари преку една германска банка со користење помала филијала во Естонија.
Европската повереничка за финансиски услуги Меирид Мекгинис предупредува дека перењето пари е јасна закана за граѓаните, демократските институции и за целиот финансиски систем. Се проценува дека 1,5 отсто од БДП на Европската Унија или околу 133 милијарди евра се однесуваат на „нечисти“ бизниси, пренесува „Дојче веле“.
– Мора да се затворат сите дупки што можат да се искористат од криминалците, кои се обидуваат парите заработени од криминалот со наркотици, шверцот, уцени или коцка да ги стават во легалниот оптек. Европа е интересна меѓу бандите од целиот свет, поради големите дупки во прописите – вели Мекгинис.
Парите во ЕУ се слеваат на разни начини, преку анонимни фирми, преку многукратни уплати на помали суми, кои најчесто завршуваат на пазарот на недвижности. Сѐ уште, околу 70 отсто од паричниот промет во ЕУ се одвива со готовинско плаќање.
Во претходниот период, ЕК донесе пропис за ограничувањето на плаќањето во готово до 10.000 евра. Но тоа не ги спречува фирмите и поединците од целиот свет да продолжат со „легализирањето“ на сомнителните приходи.

Покрај економските мотиви, перењето пари е поврзано и со остварување одредени политички цели. На почетокот на годината, „Гласот на Америка“ ја објави анализата на БИРН за тоа дека земјите на Западен Балкан се дел од меѓународната мрежа за перење пари, од кои се финансираат активностите на некои исламистички и терористички организации. Поради тоа Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Србија се наоѓаат под засилен меѓународен притисок да го спречат финансирањето на тероризмот.
Националните процени за ризикот се разликуваат од земја до земја, затоа што правните системи се различни, како и луѓето и социјалната култура, нивото на животниот стандард и криминалната слика. Заедничкото за нив е што постојат истите облици на перење пари преку даночно затајување, неовластено производство и промет на опојни дроги, злоупотреба на службена положба, високо ниво на ранливост на судскиот систем со мал број донесени пресуди, неразвиена информациска инфраструктура, висока ранливост на финансискиот сектор и нерегулиран пазар на недвижности.
Потребата за поинаков пристап во спречувањето на перењето пари и финансирање на тероризмот во Република Србија е препознат уште во 2000 година, кога беше усвоен и закон за спречување на овие појави. Нивниот пристап е заснован на анализа и процена на ризиците од перење пари. За таа цел беше изработена и Национална стратегија за борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот. Даночното затајување во Србија е најраширен облик на финансиска недисциплина и нивното учество во кривичните дела е околу 15 отсто. Покрај фалсификувањето документи и приходи, на неплаќањето на данокот влијае и тоа што најголемите трансакции се во готовина. Тоа се областите во надворешната трговија, откупот на секундарни суровини и земјоделски производи и во градежништвото и пазарот на недвижности. Значителен износ од перењето пари се однесува на прометот со опојни дроги. Приходите остварени на овој начин се вложуваат во недвижен имот и скапи превозни средства, а помал дел и во вложување во хартии од вредност. Според анализата на БИРН-Србија, помалку од една петтина од поведените случаи завршуваат на суд.

Босна и Херцеговина е потенцијално изложена на опасноста оваа земја да се користи како „посредник“ во финансирањето на тероризмот. БиХ има изработено Акциски план за борба против перењето пари и процена на ризикот со детектирање на најризичните сектори за нелегални трансакции, а тоа се банкарството, услугите за трансфер на пари и недвижностите.
Последните години, Албанија се стекна со искуство во борбата против екстремизмот и финансирањето на тероризмот, а во периодот од 2015 до 2019 година, имало 54 случаи во кои Главната управа за спречување на перењето пари се посомневала во легалноста на банкарските трансакции. Банките и компаниите за трансфер на пари во оваа земја се најчувствителни на перењето пари. Албанија го усвои законодавството за борба против финансирање на тероризмот, но од неа беше побарано да ги реши своите стратегиски недостатоци и да ја зајакне координацијата меѓу институциите.
Во април минатата година, Министерството за финансии на Македонија објави извештај, во кој нивото на финансирањето на тероризмот е проценет од низок кон среден. Повеќето трансфери наменети за оваа активност се одвивале преку формалниот банкарски систем и услугите за трансфер на пари. Како најранливи се посочени хуманитарните и верските заедници, но и приватниот сектор, како што се градежната и фармацевтската индустрија, објави „Гласот на Америка“.