Во предизборните програми на главните политички партии во Германија, малку се посветува простор или речиси не се посветува простор на идните односи со земјите од Западен Балкан, додека на следниот самит на ЕУ за регионот, кој ќе се одржи под претседателство на Словенија, не се очекува напредок во процесот на проширувањето, а од европските лидери ќе бидат повторени старите ветувања за „европската иднина“ на регионот

Посетата на Белград и присуството на регионалниот самит во Тирана, е последното патување на Ангела Меркел во земјите од Западен Балкан, во функција на германски канцелар. Заминувањето на Меркел од германската политика, која во нејзиниот долгогодишен мандат значајно време посветуваше на Балканот, го доведува во прашање и односот на Берлин кон проширувањето на Европската Унија. Ова е така поради тоа што во предизборните програми на главните политички партии во Германија, малку се посветува простор или речиси не се посветува простор на идните односи со земјите од Западен Балкан! Ниту една политичка партија во кампањата за изборите, кои се одржуваат на 26 септември, не зборува отворено за прием на земјите од регионот како полноправни членки на Европската Унија.
Редакцијата на „Дојче веле“ на српски јазик направи краток преглед за програмите на политичките партии и нивните изборни програми, во кои Западен Балкан се споменува со една или две реченици. Германските социјалдемократи, кои водат во предизборните анкети, во својата програма штуро наведуваат дека „ЕУ се соочува со предизвикот од кризите во соседството на југот и на истокот, па затоа мора да се пристапи со новиот концепт за европската соседска политика“, односно за „интегрирање на Западен Балкан“. Демохристијанската партија се залага за „интензивирање на врските со државите од ЗБ за ЕУ, затоа што безбедноста и стабилноста во непосредното соседство се од голем интерес“. Но од партија на Ангела Меркел нагласуваат дека внатрешната кохезија на ЕУ не смее да биде ослабната со приемот на новите членки, кои мораат да ги исполнат сите пристапни критериуми. Партијата на зелените е единствена што ја споменува можноста за проширување и се залага за конкретен напредок во европската интеграција на Западен Балкан.

Десничарската Алтернатива за Германија јасно порачува дека е против проширување на ЕУ, но заради стабилизација на регионот, кој е под влијание на интересите на странските сили, а се залага за „привилегирано партнерство со земјите од регионот“. За оваа партија фокусот на Балканот е ставен во контекст на безбедносната соработка и мигрантските движења. Германските либерали и левицата во своите програми не го ни споменуваат Западен Балкан.
– Западен Балкан не е приоритет за германската надворешна политика, па ни за ЕУ. Тоа со години е јасно. Во Берлин многу години преовладува ставот дека регионалниот приоритет е стабилноста, што и да се подразбира под тоа – вели Јасмин Мујановиќ, политиколог од Сараево.
Наспроти заладување кон процесот на проширување што го манифестираат германските партии, во Србија со нагласен оптимизам и задоволство ја очекуваат последната посета на Меркел на официјален Белград. За поранешниот амбасадор на Србија во Германија, Огњен Прибичевиќ, средбите на веќе „пензионираната“ канцеларка во Србија и Албанија се од големо значење.
– Западен Балкан не е нејзин приоритет, но надвор од листата на германските приоритети, регионот е од најважни прашања. За Германија приоритети се Америка, Русија, а со нејзината посета на Западен Балкан сака да покаже колку е тоа важно – изјави Прибиќевиќ, за „Нова.рс“.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пак, истакна дека посетата на Меркел е од голем интерес за Србија, а како што нагласи тој, ќе ѝ се заблагодари за сѐ што направила таа за Западен Балкан и за Србија.

Промени во ставот на Европската Унија во однос на проширувањето не се очекуваат ни на наредниот самит за регионот што се одржува во Словенија на шести октомври годинава. Лидерите на ЕУ планираат да ги повторат старите ветувања до државите од Западен Балкан за реафирмирање на својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан, пишува „Еуобсервер“, кој имаше увид во документот што треба да биде потпишан од
лидерите на ЕУ и на шесте земји од Западен Балкан. Иако во словенечкото претседателство со ЕУ е ставен приоритет на проширувањето, нема ништо да се случи во овој правец. Се предлага одржувањето на самитите на ЕУ – Западен Балкан да бидат редовни, а следниот ќе биде закажан за крајот на 2022 година.
Во нацрт-декларацијата на ЕУ се даваат и конкретни насоки, а во однос на почетокот на пристапните преговори со Македонија, се напоменува дека „останува важно спроведувањето на Договорот за добрососедски односи со Бугарија“.

Лидерите на ЕУ очекуваат конкретен напредок од двете страни, Косово и Србија, за целосна нормализација на односите меѓу нив, што е од клучно значење за стабилноста и развојот на целиот регион. Исто така, не се споменува отворање нови поглавја во пристапните преговори со Црна Гора или Србија.
„Еуобсервер“ пренесува изјави од аналитичари што не очекуваат вистински напредок во проширувањето на ЕУ, што е жешка тема во предизборниот период во Германија и во Франција.
– Франција и Германија традиционално беа моторите на промените на Западен Балкан, но тие ќе бидат преокупирани со националните избори – вели Адријан Арифај, поранешен помошник на Владата на Косово, кој сега е уредник на веб-страница во Приштина.
Авганистанската криза ќе им даде притисок на сите оние политичари во ЕУ што се против имиграцијата и кои си играат со вакви прашања за свои цели, додаде тој.