Фото: Игор Бансколиев

Земјите од регионот идната година ќе имаат раст од 4,1 отсто, но Светската банка предупредува дека Балканот е изложен на предизвиците во борбата против климатските промени

Државите од Западен Балкан забрзано закрепнуваат од рецесијата, која беше предизвикана од пандемијата на коронавирусот, а просечниот раст на економијата во овој регион може да достигне 5,9 отсто. Светската банка, во својот редовен извештај што беше објавен минатата недела, истакнува дека економиите на Босна и Херцеговина, Србија, Македонија, Црна Гора, Косово и на Албанија заздравуваат значително подобро од очекуваните проекции, по падот на целиот регион во 2020 година, кога имаше намалување на бруто-домашниот производ за 3,1 отсто.
Аналитичарите на СБ предвидуваат раст на регионалниот БДП за идната година за 4,1 отсто, а во 2023 година растот ќе достигне 3,8 отсто, пренесува „Хина“.
Економското закрепнување во целиот регион е резултат на јакнење на домашната и надворешната побарувачка, а со поголемото движење на луѓето во Европа беше поттикнат и пораст на дознаките и приходите од туризмот во текот на 2021 година. Силниот раст на економијата на развиените земји предизвика и зголемување на побарувачката за производи од балканските држави.

Сепак, Светската банка предупредува дека заздравувањето и натаму е несигурно. Ова се однесува на големиот пад на работни места, а посебно на тоа беа изложени жените и младите. Ова може да ги забави напорите за зголемување на константно ниските стапки на невработеност во земјите од регионот. Невработеноста на младите од Западен Балкан е зголемена на 37,7 отсто во 2021 година, што е за 5,4 проценти поени повисоко во споредба со јуни 2020 година.
Светската банка предупредува дека Балканот е изложен на предизвиците во борбата против климатските промени. Тоа значи дека приоритетите на потрошувачите и инвеститорите се менуваат, зелената технологија наметнува нови деловни модели на пазарот, а зелената политика ги менува и економските опкружувања. Ефикасното управување со зелената транзиција, која вклучува и голем број компромиси, треба да бидат централна задача за земјите од ЗБ во наредните години, се препорачува во извештајот на Светската банка.