Фото: Архива

Српската заедница на Косово е поделена на оние што живеат на северот, кои се „привилегирани“, и на оние што живеат јужно од Ибар, кои се чувствуваат „запоставено“

Предлогот за промена на границите ги вознемири Србите и Албанците на Косово, а особено се загрижени Србите јужно од Ибар, затоа што таквото решение би ги оставило во албанскиот дел, што дополнително ја влошува нивната позиција, а, долгорочно гледано, нивниот излез е во тивкото иселување. Ова е наведено во сеопфатниот извештај за српската заедница на Косово, кој го објави Хелсиншкиот одбор за човекови права, под наслов „Замрзнат живот во замрзнат конфликт“, во кој се опфатени различните аспекти за положбата и проблемите на српската заедница.
Извештајот е резултат на истражувањето спроведено од хелсиншкиот одбор во периодот од септември до декември 2018 година, во соработка со невладината организација „НВО актив“ од Северна Митровица. Анкетарите посетиле петнаесетина населени места во Косово, каде што разговарале со припадниците на српската и албанската заедница.

Покрај обидот да се наметне решението за поделба на територијата, дополнителна конфузија, несигурност и неизвесност за иднината на Србите внесуваат и влијанието на разните меѓународни актери и слабеењето на мобилизирачкиот потенцијал на Европската Унија, како и регресивните трендови на Балканот, пренесува „Данас“.
Српската заедница на Косово е поделена на оние на северот, кои се „привилегирани“, и на оние што живеат на југот, кои се чувствуваат „запоставено“, се констатира во извештајот. Србите јужно од Ибар сметаат дека се „напуштени“ и се сметаат за заложници на Косовска Митровица и Белград.

– Српската листа, која е под контрола на владејачката партија и српскиот претседател Александар Вучиќ, директно влијае на нивните животи, пред сѐ со контролирање на нивните работни места, во образованието, здравството и во општинските служби – се наведува во извештајот.

Во северниот дел на Косово владее правен вакуум, а тоа им годи на сите облици на криминал, а Северна Митровица се смета за седиште на криминалот за одредени интересни групи во Србија и на Косово.

Според изјавите на повеќе соговорници, меѓуетничките односи на Косово се „коректни“, но постои дискриминација во институциите и во секојдневниот живот, како што е примерот со изрекување ирационални казни за сообраќајни прекршоци за Србите. Јазичните пречки се главен проблем во воспоставувањето комуникација меѓу етничките заедници на Косово.

Во извештајот на Хелсиншкиот одбор за човекови права се упатува и на повеќе пречки за српската и косовската влада што се однесуваат на прекинувањето на преговорите за промена на границата, на медиумите за да отстапат повеќе простор за животот на припадниците на српската заедница, како и на меѓународната заедница, од која се очекува посилно да ги промовира и да ги поддржи вредностите на мултиетничкото општество.