Конечната декларација на самитот на НАТО во Брисел беше променета по заканата од хрватскиот претседател Зоран Милановиќ. Милановиќ вчера се закани затоа што во документот не беа споменати Дејтонскиот договор и конститутивноста на трите народи на БиХ.

– Некои земји не сакаат во завршната декларација на самитот на НАТО во Брисел да се споменат Дејтонскиот договор и конститутивноста на трите нации, но Хрватска нема да се согласи на такво нешто – изјави вчера претседателот Зоран Милановиќ, заканувајќи се дека Хрватска ќе ја блокира декларацијата ако во неа не се спомене Дејтонскиот договор.

Заканата на Милановиќ вроди со плод, па НАТО го смени документот. Денеска за ова се огласи и Милановиќ.

– Генералниот секретар ми се јави вчера околу 15 часот и сè беше решено за половина минута. Тоа е мала работа за овој самит, но за нас е како Биг фут – рече Милановиќ на самитот на НАТО во Брисел.