Во изминатиот период од ЕУ, но и од администрацијата на САД постојано инсистираат на поголемо економско поврзување на шесте земји од Западен Балкан, а една од овие иницијативи е формирање и заеднички регионален пазар. По сѐ изгледа, во меѓународните дипломатски кругови е присутен ставот дека е неопходно некакво преодно решение, кое ќе ги држи земјите од регионот заедно, сѐ додека постои неизвесноста од проширувањето на ЕУ

Западен Балкан повторно е во фокусот на интересирањето на институциите и државите на земјите од Западна Европа, за период од две-три недели. Овој пат како иницијатор за расправата за „иднината на Балканот“ се јавува германската канцеларка Ангела Меркел, која вчера беше домаќинка на виртуелниот Берлински самит за Западен Балкан, на кој ќе учествуваат премиерите на земјите од регионот. На самитот ќе учествува и премиерот Зоран Заев. Најавено е учеството и на челниците на европските институции и премиери на земји-членки од ЕУ, како Хрватска, Грција, Бугарија и Словенија. Исто така, обраќања ќе имаат и британскиот премиер Борис Џонсон, францускиот претседател Емануел Макрон и австрискиот канцелар Себастијан Курц.
Со подигањето на прашањето за перспективите на земјите од Балканскиот Регион на највисоко дипломатско ниво, Европската Унија, преку Германија, се обидува да го врати своето влијание во регионот, по целосниот застој на процесот за проширувањето, за кој во Брисел постои длабока поделеност околу динамиката и содржината на „европското интегрирање“ на Балканот. Од друга страна, сѐ поизразен е и скептицизмот кај граѓаните од Западен Балкан, што наметнуваше и позасилена меѓународна промоција на плановите на ЕУ за брзото формирање заеднички регионален пазар меѓу земјите од Западен Балкан. Во најавите за организирање на вчерашниот самит, иницијаторката на Берлинскиот процес, Ангела Меркел, порача дека е убедена оти иднината на Западен Балкан лежи во вистинска обединета Европа.
– Западен Балкан е непосреден сосед на ЕУ. Тој е дел од Европа, каде што раните од војните сè уште не се залечени, а голем број граѓани од тој регион живеат и во Германија. Јасно ми е дека земјите од ЕУ мора да имаат интерес за мирен развој на Западен Балкан. Ние сме одговорни практично да се залагаме за развој во тој дел на Европа – нагласи Меркел и додаде дека Берлинскиот процес веќе постигнал одреден успех, при што како особено значајно го истакна неодамнешното формирање на Форумот за млади во негови рамки.

Дека формирањето на заедничкиот регионален пазар е сериозен проект, потврди и комесарот за односи со Западен Балкан при германското министерство за надворешни работи и поранешна амбасадорка во Албанија, Сузане Шиц, која за „Дојче веле“ изјави дека на самитот ќе се разгледуваат следните чекори за изградба на заеднички регионален пазар што беше договорен од лидерите на Западен Балкан на самитот во ноември во 2020 година и се однесува на четири основни слободи: слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал, што треба да се постигне до 2024 година.
Шиц додаде дека Советот за регионална соработка (РКЦ) и Секретаријатот на Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) се особено ангажирани во спроведување на Акцискиот план за заедничкиот регионален пазар.
Во изминатиот период од ЕУ, но и од администрацијата на САД постојано инсистираат на поголемо економско поврзување на шесте земји од Западен Балкан, а една од овие иницијативи е и мини-шенгенот. По сѐ изгледа, во меѓународните дипломатски кругови е присутен ставот дека е неопходно некакво преодно решение, кое ќе ги држи земјите од регионот заедно, сѐ додека постои неизвесноста од проширувањето на ЕУ. Како што е познато, на почетокот на годината беше пуштена и опцијата „членство на Западен Балкан во Европскиот економски простор“. Но ова беше отфрлено од балканските држави, меѓу нив и Македонија, која „не се согласуваше на никакви алтернативни решенија, освен полноправното членство во ЕУ“.
Експертот Михаел Мартенс, во текст за „Франкфурте алгемајне цајтунг“, напиша дека влегување на некоја земја од ЗП во ЕУ за наредните десет години е нереално.
– Се поставува прашањето што можат да им понудат ЕУ и нејзините членки на балканските држави, што од една страна е реално, а од друга страна да е атрактивно за регионот, а притоа да се оттргнат од автократските девијации и да ги одржи и оживее реформските процеси – забележува Мартенс.

Една од опциите, според новинарот на ФАЦ, е на балканските држави да им се дозволи да влезат на внатрешниот пазар на ЕУ, со правила како за полноправни членки. Тие би имале економска, но никаква политичка партиципација во работењето на ЕУ.
Во текстот што беше пренесен во февруари годинава на „Дојче веле“, се зборува на концептот за „неопходни реалистични привремени решенија“, што го застапува членот на европскиот парламент Елмар Брок. По сѐ изгледа сѐ поизвесна опција е формирањето заеднички регионален пазар, за што сѐ поотворено се говори и на меѓусебните средби на балканските лидери, преку иницијативата на мини-шенген.
Берлинскиот процес почна во 2014 година, со цел да се промовира регионалната соработка и со тоа да се забрза приближувањето на земјите од Западен Балкан и од ЕУ.
Конкретните резултати се укинување на роаминг-давачките во Западен Балкан од 1 јули, проширување на инфраструктурата за транспорт и енергија и нејзино поврзување со коридорите на ЕУ и формирање регионална канцеларија за млади. Економскиот и инвестициски план на Европската комисија за Западен Балкан од октомври 2020 година предвидува употреба до девет милијарди евра од Инструментот на ЕУ за претпристапна помош (ИПА III), додека со помош на гаранции дополнителни инвестиции до 20 милијарди евра ќе се мобилизираат од приватниот сектор, како и европски и меѓународни финансиски институции.