Фото: Архива

Се посериозни најави за повлекување на војската на САД од Косово

Рокот што премиерот на Косово Албин Курти го даде како почеток за постепеното укинување на таксата за увоз на производите од Србија и од Босна и Херцеговина, истекува на 15 март. Високиот претставник на Европската Унија Јосеп Борел, побара од косовскиот премиер целосно укинување на високите царини, за да може да се продолжи дијалогот меѓу Белград и Приштина. Со ова и Брисел се приклучи кон притисокот од САД, од каде што побараа еднократно и безусловно укинување на царините или, во спротивно, најавија повлекување на американските војници од Косово.

Остануваат уште два дена за решавање на „царинската криза“, која влијаеше на влошување на американско-албанското пријателство, по изборот на новата косовска влада, во која постои длабока поделба од можното прекинување на блиските релации меѓу Вашингтон и Приштина. Останува нејасно дали военото повлекување на САД од Косово е само блеф или, пак, реална закана од Вашингтон, сепак со евентуалното „враќање на 650 војници дома“, како што рече американскиот сенатор Дејвид Пердју и близок соработник на претседателот Доналд Трамп, се отвора прашањето како ќе се одрази тоа на стабилноста на регионот.

Повлекувањето на американските војници од Косово нема да се одрази на безбедноста на Србите, кои живеат на територијата на Косово. Во тој случај, силите на САД ќе бидат заменети со војници од другите земји на НАТО, а американската воена база Бондстил би се затворила без разлика на тоа дали ќе има американски војници на Косово, смета политикологот Стефан Филиповиќ. Тој во разговорот за „Спутник“ потсетува дека мисијата на КФОР дејствува врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и на договорот од Куманово.

– Сегашното меѓународно право сѐ повеќе добива значење поради сложената состојба во светот, како и поради тоа што има повеќе силни глобални играчи. НАТО е единствен гарант на безбедноста на Србите на Косово и Метохија. Алијансата има обврска да го исполни тоа што го потпишала. Дали ќе го прават тоа американските војници или војниците од некои други НАТО-земји, не е важно. Тоа повеќе е политичко отколку безбедносно прашање – вели Филиповиќ.
Кога станува збор за најголемата воена база на Косово, Бондстил, таа во последните десет години се намалува во квантитет и во квалитет. Политикологот Филиповиќ смета дека нема да се случи заминување на американскиот контингент, а последните настани се само политичка игра.

– Заканите, предизвиците и ризиците во безбедносна смисла во некој иден период, укажуваат на непостоење на потребата за базата. Илјадници цивили работеа во Бондстил во одреден момент, а сега нивниот број е сведен на минимум, што значи дека се намалуваат и бројот на војниците и опремата. Бондстил стана една мала база со тенденција да се затвори. Тоа не значи дека ќе биде крај на мисијата на КФОР и на присуството на НАТО на Косово, така што долгорочно нема ништо да се менува. Сега нема повеќе од 4.000 припадници во мисијата на КФОР – смета Филиповиќ.
За македонскиот воен аналитичар Благоја Марковски опцијата за заминување на американските војници од Косово е нереална, од причини што Вашингтон е силно решен и посветен да го стабилизира Балканот, а особено Западен Балкан.

– САД нема да се повлечат од структурите на КФОР. Вашингтон и натаму ќе биде присутен воено и политички на овие простори. Евентуалното заминување на американските војници ќе влијае на безбедноста во регионот, затоа што ни косовските воени сили ни меѓународната заедница, во овој момент, не се подготвени да ги преземат обврските на КФОР. Тензиите во соседството би се зголемиле, а верувам и Србија ќе реагира на таквата опција. Тоа би претставувало сериозен безбедносен предизвик – смета Марковски.

Покривањето на американското воено присуство со припадници од контингентот на другите земји-членки на НАТО е можно, но тоа во секој случај нема да го намали влијанието на САД на овие простори и нема да дозволи Косово да биде нестабилно подрачје на Западен Балкан, заклучува тој.