Министрите за надворешни работи на членките на ЕУ не постигнаа компромис околу заедничкиот текст, поради тврдиот став на Хрватска, дека „хрватскиот претставник во Претседателството на БиХ, треба да ги претставува Хрватите, а не сите народи“

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија ја разгледуваа состојбата во Босна и Херцеговина, по завршените општи избори во земјата, а тоа беше иницирано од Хрватска. Исходот од оваа расправа се смета за голем пораз на хрватската надворешна политика, која го оспоруваше изборот на Жељко Комшиќ, за член на Претседателството на БиХ, само затоа што бил избран со мнозинство гласови од бошњачката заедница.

Високата претставничка на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, по состанокот на министрите го изнесе заедничкиот став и испрати три пораки до босанскохерцеговските власти, пренесе Радио Слободна Европа.

– Првата порака е брзо формирање на извршната власт откако беа објавени официјалните изборни резултати. Властите треба целосно да се фокусираат на реформската агенда, која е поврзана со европската перспектива на земјата. Третата порака се однесува на фокусирање на реформата во изборниот закон – изјави Могерини, по завчерашниот министерски состанок.

Хрватската министерка за надворешни работи и европски работи, Марија Пејчиновиќ-Буриќ, која ја иницираше дебатата за БиХ, смета дека европските колеги имале разбирање за хрватскиот став.

– Има сѐ поголем број членки што ја разбираат загриженоста на Хрватска во врска со положбата на Хрватите, кои се еден од трите конститутивни народи на БиХ. Од тие причини очекуваме понатамошна расправа во блиска иднина-– изјави Пејчиновиќ-Буриќ.

По дебатата не биле усвоени заклучоци, затоа што не беше постигнат компромис меѓу членките на ЕУ околу заедничкиот текст, поради тврдиот став на Хрватска, која експлицитно бараше да се истакне дека „хрватскиот претставник во Претседателството, треба да ги претставува Хрватите, а не сите народи“.

Посочувајќи на „недоразбирањето“ од членките на ЕУ околу концептот на конститутивни народи, хрватската шефица на дипломатијата нагласи дека 20 години по Дејтонскиот договор, Европа оди во правец на примена на граѓанскиот принцип.
Хрватската иницијатива ја поддржаа земјите што ѝ припаѓаат на Вишеградската група, во која се Чешка, Унгарија, Полска и Словачка. Словачкиот шеф на дипломатијата, Мирослав Лајчак, рече дека во Босна и Херцеговина постојат две реалности.

– Ја имаме дејтонската реалност, која е изградена на етнички принцип и ја имаме европската реалност, која е изградена на граѓански принцип. Ние треба да одиме од една кон друга реалност, а тоа е европската. Министрите разговараа како да ѝ се помогне на БиХ, а да не ја казниме, што е позитивен пристап – изјави Лајчак.

По општите избори во Босна и Херцеговина во октомври, официјален Загреб почна со дипломатска офанзива за да предупреди дека со изборот на Жељко Комшиќ им е укинато правото на Хрватите да имаат свој претставник. Претседателот на Владата на Хрватска Андреј Пленковиќ, како и хрватските пратеници во Европскиот парламент ја користеа секоја можност да докажат дека Комшиќ, не е избран со гласовите на Хрватите туку со гласовите од Бошњаците. Последното писмо било испратено до Европскиот парламент. По повод оваа иницијатива на Хрватска, се огласи и Жељко Комшиќ, кој исто така испрати писмо во кое посочува на многу невистини во дипломатската пошта испратена од Хрватска во поглед на изборниот процес во БиХ.

Комшиќ предупредил дека станува збор за удар на Хрватска на суверенитетот и директно мешање во внатрешните работи на БиХ, објави Радио Слободна Европа.