Главниот удар, придружен со три помали потреси, предизвика голема материјална штета во градот, а властите апелираат граѓаните да ги почитуваат и мерките за спречување на епидемијата од коронавирус

Земјотресот од 5,3 степени што вчераутро ги потресе Загреб и цела Хрватска предизвика голема штета и паника меѓу граѓаните. Едно 15-годишно девојче е во критична состојба, граѓаните се во паника. Главниот удар, придружен со три помали потреси, предизвика голема материјална штета во градот. Многу згради се оштетени, а низ улиците може да се видат делови од ѕидови и фасади. Оштетена е и катедралата во центарот на градот, како и една нејзина кула. Катедралата беше реновирана откако беше тешко оштетена во последниот голем земјотрес во градот во 1880 година.

Кризата со коронавирусот дополнително го компликува обидот на надлежните да реагираат и да им помогнат на граѓаните. Најголемиот дел жители во неделата наутро истрчале надвор од своите домови. Уште еден проблем е наглото заладување, кое ги спушти температурите многу блиску до нулата.
Меѓу најпогодените делови на градот е улицата Игњат Ѓорѓевиќ, која е во центарот на Загреб. Во оваа улица беше повредено девојчето, кое доби сериозни повреди. На една од зградите се урнале надворешниот ѕид од покривот и повисоките катови. Во улицата се потрупани повеќе возила, пишува „Јутарњи лист“.

Цивилната заштита ги повтори препораките за граѓаните за вонредните услови и ако се надвор од своите домови да држат задолжително растојание од два метра. Лекарите препорачуваат граѓаните да се облечат во топла облека за да не настинат и да не почувствуваат симптоми на грип, кои може да се идентификуваат со епидемијата од коронавирус и да бараат лекарска помош, што дополнително ќе го оптовари медицинскиот персонал.
Во Хрватска досега се регистрирани над 100 случаи на заболени од коронавирус.