Министерот за внатрешни работи на Хрватска, Давор Божиновиќ ги отфрли критиките на невладината организација Амнести Интернешанл (АИ) за наводно насилство врз мигрантите од страна на хрватската полиција.

Според Божиновиќ, досега не е утврден ниту еден случај на примена на средства на принуда од страна на хрватската полиција врз мигранти и бегалци.

– Министерсвото во секој одделен случај внимателно ги проверува сите достапни информации за можна примена на сила над мигрантите или за вршење казниви дела на штета на мигрантите, истакна Божиновиќ.

Тој нагласи дека Хрватска успешно ја контролира и штити својата граница во согласност со меѓународното и националното законодавство.

АИ обвинувајќи ја хрватската полиција за малтретирање на мигранти, ја посочи Европската Унија како соучесник во ова насилството. Според организацијата,  „пред вратите на ЕУ“, односно во Хрватска и Босна и Херцеговина, се одвива „сериозна хуманитарна криза“.

Минатата година, околу 25.000 мигранти од Азија, Африка и од Блискиот Исток се обиделе да влезат во ЕУ од БиХ преку Хрватска. Една третина од овие мигранти тврдат дека биле изложени на насилство од страна на хрватската полиција, како тепање и заплена на лични документи, пари и телефони, посочува АИ.

Според АИ, полициската бруталност на хрватските власти оди на сметка и на самата Европска Унија, бидејќи таа „продолжува да алоцира значајни фондови за поддршка на граничната безбедност во Хрватска“.

– Европските влади не само што замижуваат пред бруталните напади на хрватската полиција, туку ги финансираат нејзините активност, стои во соопштението на Амнести.