По денешните протести кои се случија пред Градското собрание во Белград, повредени се две жени, кои со возило на Брзата помош беа префрлени во болница, пренесе Танјуг.

Додека се одржуваше седница за родова рамноправност, пред зградата пристигнал Бошко Обрадовиќ, лидерот на Сојузот за Србија кој со своите демонстранти се обидел да влезе во зградата. Меѓутоа жените застанале во „одбрана“, по што две жени се лесно повредени.

Кратко по инцидентот имаше обраќање на српскиот претседател Александар Вучиќ кој ги осуди нападите.

-Ги повикувам граѓаните на Србија да не се грижат поради последниот упад на Бошко Обрадовиќ и неговите следбеници во Градското собрание на Белград. Им се извинувам на жените што мораа да трпат напади, закани, шлаканици кои директно ги изговараше Милош Павловиќ, кои мораа да трпат упади во Градското собрание од непознати лица, бидејќи Обрадовиќ не е никаков советник во тоа собрание, не е од Белград и никогаш не се кандидирал на белградските избори- нагласи Вучиќ на вонредната прес-конференција за медиумите.

За 13 април се закажани масовни протести во Србија.