Во Србија во последната деценија жените со факултетска диплома се одлучуваат да раѓаат повеќе деца, многу повеќе од жените со средно образование.

Во периодот од 2002 до 2015 година бројот на децата родени во Србија се намалил за повеќе од десет проценти. Демографите истакнуваат дека од 2002 до 2006 годишно се раѓале околу 72.000 деца, а во 2016 година се достигнал историскиот минимум, кога биле родени 64.734 бебиња. Исто така, се забележува интересен тренд – жените со високо образование почнуваат да раѓаат повеќе деца, многу повеќе од жените со средно образование, а стапката на нивниот вкупен број на раѓања се приближува на стапката на вкупниот феритлитет на жените со основно образование, пишува белградска „Политика“.

– Кога ги анализиравме резултатите од последниот попис на населението, дојдовме до заклучок дека најголемиот број жени што немаат деца живеат во градот, имаат високо или вишо образование и имаат постојано вработување. Најмногу деца имаат мајките со незавршено основно училиште, а најмалку деца раѓаат факултетски образованите жени – истакнува Мирјана Рашевиќ, директорка на Центарот за демографски истражувања во Институтот за општествени науки.
Последниот попис на населението покажа дека Ромките, Албанките и муслиманките раѓаат најмногу деца. Но во последната деценија се забележува дека жените со факултетска диплома се одлучуваат да раѓаат повеќе деца, многу повеќе од жените со средно образование.

Во примерите со шест европски земји, Австрија, Грција, Унгарија, Романија, Словенија и Швајцарија, се потврдува фактот дека влијанието на високото образование на нивото на наталитетот е многу посилно од влијанието на занимањето и положбата во фирмите. Нивото на образование се одразува и на другите непосредни причини за фертилитетот, како што се годините на стапување во брак, контролата на раѓање и бројот на децата во семејството.
– Кај жените со основно образование бројот на родените деца линеарно се намалува, така што во 2015 година изнесуваше 37 отсто од живородените деца од 2002 година. Во периодот од 2002 до 2015 година бројот на децата што се родени од мајки со средно образование се намалил за 20 проценти. Меѓутоа од 2005 година бројот на живородени од мајки со факултетско образование почнува линеарно да расте, така што во 2015 година се за 2,3 пати повеќе во споредба со 2002 година. Слични тенденции се забележуваат и во регионот на цела Европска Унија – вели соговорничката на „Политика“.

Според Мирјана Рашевиќ, ова произлегува од тоа што факултетски образованите жени имаат повеќе пари, што ги олеснува проширувањето на семејството и одгледувањето на децата, но и со поголемата можност за преговори со својот партнер околу поделбата на родителските обврски.
– Претпоставуваме дека жените со факултет се избориле за еманципација во сопствениот дом, затоа што се во подобра преговарачка позиција во однос на жените со средно образование, кои најчесто се невработени или имаат помали примања. Истражувањата покажуваат дека најмногу деца се раѓаат во скандинавските земји, во кои е постигнат најголем степен на родова рамноправност, а најмалку во медитеранските земји, во кои владее патријархат. Логично е да се претпостави дека високообразованите жени се договориле со партнерите за поделбата на обврските – вели Рашевиќ.

Сите жени, без разлика на степенот на образование, го одложуваат раѓањето за подоцнежните години, но постои разлика меѓу жените со различно образовно ниво за првите раѓања. Така, жените без образование во 2015 година родиле 2,59 деца до 30-та година, а жените со основно училиште родиле 1,38 дете, жените со средно училиште родиле 0,84 деца, а жените со факултет 0,57 деца.